Во Музеј-галеријата во Кавадарци, денеска со почеток во 12 часот проф. д-р Виктор Лилчиќ во улога на промотор, ќе говори за каталогот „Нумизматичкиот материјал во Музеј-галерија Кавадарци“ на авторите Весна Ѓорѓиева и Раде Атанасов.

Во овој каталог на 52 страници се претставени 178 монети, почнувајќи од
хелинистичкиот, римскиот и доцнаантичкиот период, продолжувајќи преку византискиот, па се до османлискиот период, притоа хронолошки давајќи ни подобра слика и за економската моќ на овој регион низ вековите. Преку овој каталог љубителите на нумизматиката и уметноста воопшто ќе имаат документ од трајна вредност низ кој сликовито се опишани формите и претставите на монетоковањето низ вековите преку монетите кои циркулирале во Тиквешијата.

Нумизматичката збирка на Музеј-галеријата Кавадарци ја сочинуваат 450 монети прибрани по пат на на откуп, подарок, рекогносцирање на локалитетите во Тиквешијата, сондажни и системски археолошки ископувања.Каталогот е плод на неколкугодишни проекти кои музејот ги реализираше во изминативе години со подршка на Министерството за култура.