Поезијата на македонскиот поет Митко Гогов ќе се чита на 31. Меѓународен поетски фестивал во Меделин, Колумбија, што ќе се одржи од 1 до 29 август 2021 година. Песните на фестивалот ќе се читаат на мајчин јазик, а ќе се слушаат и во препев на шпански и англиски јазик. Колумбискиот фестивал е еден од  најголемите и најдобри светски поетски фестивали, а досега од нашата држава учествувале и Матеја Матевски, Катица Ќулавкова, Лидија Димковска, Никола Маџиров.

Фестивалот има публика од над 500.000 гледачи ширум светот, а како дел од програмата се светски поети како Ко Ун, Чарлс Симиќ, Адунис, Елена Попески, Пол Мултон, Каролин Форше, Роберт Хас и други. Со повеќе од 200 официјални учесници, фестивалот се обидува да се помири со колумбиското турбулентно минато и сегашност преку поезијата и уметноста.

Гогов (1983) пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Автор е на збирките поезија „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019), во издание на издавачката куќа Антолог, а годинава треба да излезе од печат неговата трета стихозбирка „Линијар бројки“.