Македонската поетеса Наташа Сарџоска е единствената авторка од странство која ја доби специјалната награда за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за поетско творештво на италијански јазик во Рим, Италија.

Комисијата предводена од книжевните критичари, теоретичари и поети Мануел Коен, Ренато Фјорито, Лука Бенаси, Ана Марија Курчи, Фламинија Кручани, Рафаела Фацио и Микела Ѕанарела, покрај песните на десетина други италијански поети и поетеси, ги наградија и необјавените песни на Сарџоска напишани на италијански јазик. Сите наградени песни се објавени во антологијата на издавачката куќа „Тера д’Уливи Едициони“.

Оваа награда се доделува веќе девет години и е под покровителство на Фондацијата „Дон Лиегро“, Владата на Италија, Општината на градот Рим, Регионот Лацио, а годинашното издание се одржа во палатата „Пасарини Филети“ под покровителство на Претседателот на Италија, Серџо Матарела.