Македонската метропола од вечерва (29 август) ќе биде домаќин на првото издание на хорскиот меѓународен фестивал „Скопје пее“ во организација на Град Скопје и Универзална сала.
Десет хора од земјава и странство со своите изведби на добро познатите класични дела, но и џез, рок и современи композиции, на нивен својствен начин, ќе ги спојат музиката, одморот, пријателството и забавата, велат организаторите.
Отворањето е во 21 на Школка во Градскиот парк, каде што скопјани и сите други добронамерници и љубители на музиката и културата ќе имаат можност да бидат дел од овој градски музички хепенинг.
В петок (30.8.) фестивалот програмски ќе се вклучи во културните лета на општините Карпош и Аеродром. На Културното лето „Карпош 2019“ на плоштадот „Делфина“ во Влае ќе настапат Машкиот хор од Пловдив, ХМД „Кочо Рацин“ – Скопје, женскиот хор „Аурин“ од Кецкемет, Унгарија, ГМХ „Вардар“ – Скопје и Академскиот женски хор на Студентскиот културен центар во Ниш. Како дел од Бацк то Сцхоол Њеек во Општина Аеродром, во паркот на езерата со почеток во 20.30 част ќе настапат женскиот хор „Менада“ од Тетово, хорот „Хаџи Зека“ од Пеќ, пензионерскиот хор „Серенада“ од Скопје, хорот „Славјанско единство“ од Горна Ораховција, Р. Бугарија и хорот „Елегија“ од Општина Центар – Скопје.
Фестивалот „Скопје пее“ е првиот меѓународен фестивал на хорови и хорска музика, кој се одржува во Скопје и идејата на фестивалот е да ја донесе музиката поблиску до граѓаните и да ја претстави хорската музика типична за концертните сали на некарактеристичен начин, на улиците и плоштадите во Скопје.
За последниот ден од фестивалот (сабота, 31.8), од 20.30 часот со настап на хоровите во објектот на Македонската филхармонија и официјално ќе се затвори првото издание на „Скопје пее“.
Comments are closed for this post.