Група независни уметници преку писмо до премиерот Заев изразуваат загриженост од најавите дека пејачот Бени Шакири би можел да биде поставен за директор на МКЦ.

Го пренесуваме во целост Отвореното писмо, кое е поддржано од 251 граѓани од културно-уметничката сфера.

„Почитуван г-дине Зоран Заев,

Претседател на Владата на Република Северна Македонија,

Ви се обраќаме по повод најавените промени во управувачката структура на Младинскиот културен центар во Скопје. Не случајно ова писмо Ви е адресирано Вам, со оглед на тоа што неодамна најавивте суштински промени во Владата на РСМ, но и во голем број јавни институции во државата. Максимално ја поддржуваме потребата за прочистување и подигање на квалитетот на кадарот по државните и локални институции, кои очигледно се на мета на вашата популарно наречена „метла“ и веруваме дека тоа го правите со желба за суштинско подобрување на ситуацијата во повеќето од нив. Но во овој случај чувствуваме граѓанска одговорност да Ви укажеме на сериозните негативни последици по кревкото битие на живата, автентична независна култура, до кои секако ќе дојде доколку го нарушите континуитетот на работа на Младинскиот културен центар во Скопје.

Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа.

Затоа господине претседател на Владата на РСМ, упатуваме силен апел до Вас, МКЦ Скопје да биде одминат од вашата „метла“ овојпат. Причината е едноставна: не се уништува она што функционира. Факт е дека моменталниот ВД директор, господинот Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Континуираниот процес на работа е од есенцијално значење не само за македонската култура, туку и за општиот развој на вредностите на нашата општествена сцена.

Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде.

Почитуван господине Заев, ве молиме овој апел да го сфатите крајно сериозно и да не се сомневате во конструктивноста на нашите намери. Ние работиме со децении на независната сцена. Водени од желбата за напредок и повисок степен на култура, бевме на улиците кога тоа беше најпотребно за нашата земја и верувајте, на нив ќе се најдеме повторно ако има потреба. Било каква промена во МКЦ Скопје значи руинирање на еден од најсветлите континуитети во Македонија, брутален удар во нежното ткиво на независната сцена, со несогледливи последици во следните години, во кои токму таа сцена ќе мора да биде ваш, но и голем сојузник на земјава во нејзиното припојување кон Европската Унија. Доколку го нарушите овој фантастичен процес кој успеавме да го развиеме, ќе бидете одговорен не само пред двигателите на македонската уметничка свест на ова време, туку и пред историјата на нашата земја.

Независната културна сцена можеби не изгледа импозантно во вашите очи, вперени кон Брисел и Вашингтон. Но ние сите сме сепак тука, и тука ќе останеме. Затоа размислете.“