Младата и талентирана актерка Сара Климоска стана добитник на престижната награда European Shooting Stars во склоп на 71. издание на Берлинале годинава. Сара, заедно со уште 10 други млади актери е добитник на наградата, која има долга и престижна традиција и се доделува на млади актери и актерки во подем веќе 24 години.

Се радуваме што ќе имаме можност да ги претставиме овие млади талентирани актери на филмската индустрија, на публиката и на медиумите. Коронавирусот не може да ги сопре извонредните таленти, стои во изјавата на Соња Хајнен, директорката на ЕФП.

Сара Климоска е добитник на награда благодарение на нејзината маркантна изведба во дебитантскиот филм на режисерот Игор Алексов, со наслов „Лена и Владимир“.

Во официјалното соопштение на ЕПФ, изведбата на Климоска е опишана како „…откритие во вистинска смисла на зборот, со емоционална длабочина која ги надминува нејзините години.“

Талентираните десетмина ќе бидат промовирани преку тридневна онлајн програма која ќе се одржи од 23 до 25 февруари.