На Галапагоските Острови експерти открија примерок на гигантска желка, чиј вид се сметаше за исчезнат, јавуваат странските агенции.

Животното цел век се сметаше за неповратно изгубено за науката. Но, експерти за време на експедиција организирана од Националниот парк на Галапагоските Острови успеаја да пронајдат женски примерок од видот Chelonidis phantasticus.

Оваа ретка желка е ендемична за ненаселениот остров Фернандина, што е дел од вулканскиот Галапагоски архипелаг, познат по својата уникатна флора и фауна. Chelonidis phantasticus се сметаа за исчезнати, како и желките од видовите Chelonoidis spp од островот Санта Фе и Chelonoidis abigdoni од островот Пинта.

На Галапагоските Острови, што се наоѓаат на 1.000 километри од јужноамериканското крајбрежје на Тихиот Океан, беа регистрирани 15 вида гигантски желки, вклучувајќи ги и тие, што беа сметани за исчезнати.