За отворањето на театарската сезона 2018/2019, Македонскиот народен театар в сабота премиерно ќе ја изведе претставата „Еден месец на село“ според делото на Иван Сергеевич Тургењев, кое досега не е поставено во театар во Македонија.

Оваа комично-тажна руска приказна првпат е изведена во 1872 година, а на македонската сцена ја поставува режисерот Паоло Маџели од Италија кој живее во Загреб. Со македонските театри (Драмски и МНТ) тој соработувал пред повеќе од 30 години. Новата премиера со екипата актери на МНТ ја подготвуваше од март.

На прес-конференција Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.

– Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи не е едноставно, истакна Маџели во врска со сложената драмска структура на претставата во која има интервенции и од драматургот Жељка Удовичиќ.

Во 1988 година Маџели во МНТ ја поставил „Црна дупка“ од Горан Стефановски. Актерката Катерина Коцевска, која во актерската екипа на МНТ е гостинка од Драмски театар, на прес-конференцијата рече дека првата соработка  во Македонија Маџели ја имал пред 34 години со нејзиниот матичен театар – Драмски, каде ги режирал „Карамазови“ и „Тетовирани души“.

Премиерата на „Еден месец на село“ се совпаѓа и со одбележувањето 200 години од раѓањето на Иван С. Тургењев на 9 ноември.