Со омилената песна „Со маки сум се родила“ во изведба на Вера Милошевска – Јосифовска и со долг аплауз од колегите актери, театарски и филмски режисери, соработници, професори, студенти, беше испратен Мето Јовановски, бардот на македонското глумиште кој почина на 16 ноември на 77-годишна возраст.
На комеморацијата која ја организираше неговиот матичен, Драмски театар по повод неговата смрт присустуваа глумци од театрите од Македонија, соработници, семејството, роднини и пријатели. Драмски театар беше полн, многумина дојдоа да му изразат почит на Јовановски кој вчера беше погребан во Алејата на заслужни граѓани на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Мето беше актер, професор, колега, но и обичен човек кој сакаше да го посетува манастирот Св. Јован Бигорски, наизуст ги знаеше евангелијата, човек волк самотник, имаше доверба во малкумина. Ги сакаше своите ќерки, ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша. Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути. Омилена му беше виолетовата боја, го сакаше цвеќето јоргован, му се допаѓаше левиот профил од неговото лицето. Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава. Пиеше еспресо и кисела вода. Не сакаше да дава интервјуа. Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози. Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба, Ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше „Со маки сум се родила“, рекоа за Јовановски колегите од Драмски во последното испраќање.
Црвениот шал, кожената чанта, качкетот и мантилот на Јовановски беа поставени на една дрвна столица на празната сцена на Драмски. Се редеа фотографии од многубројните претстави на Јовановски, извадоци од филмови, тв-серии кои сведочеа за богатата и исполнета кариера на актерот кој глумаше низ целата поранешна држава, СФР Југославија.
Се викавме Енчо, според една етида која ја правевеме на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Завршивме 1971 година и први септември заедно дојдовме во Драмски театар. И од тој ден, до ден денеска, ние сме тие кои остануваме верни на Драмски. Мето беше актер кој имаше енергија, имаше атомска бомба во себе. Кога ќе излезеше, го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина тоа е многу тешко. Мето ќе остане за мене секогаш Енчо. Живеевме во иста соба, јас, тој, Диме Станкоски-Дебелото, со Ѓорѓи Стојановски. Завршивме, јас, Мето и Диме дојдовме во Драмски, многу после тоа дојдоа во Драмски. Но, Мето беше нешто кое не се опишува со зборови , мора да го почувствуате. Не знам како да го кажам тоа. Јас сум горд што сум бил со него што сум играл со него и што сум учел од него, кажа на комеморацијата актерот Благоја Чоревски.
Во името на филмските работници со Јовановски се збогуваше Владимир Ангелов, директорот на Кинотека на Македонија.
Мето беше човек во време на лажни богови, од месо и крв, но кога ќе застанеше на сцената, кога ќе застанеше пред камерите, а некогаш и зад камерите тогаш стануваше Бог поголем од се и му немаше рамен, рече Ангелов.
Милица Стојанова, доајенката на македонскиот театар, преку писмо кое беше прочитано се збогува со Јовановски.
Мето, мојот колега и мојот тивок пријател, со кој сме поминале бесконечно многу саати, денови, години во разговор и во професионално и интимно споделување на животните бездни. Со него човек беше на чисто – кога сакаше некого или нешто, беше јасно. Кога беше критичен и незадоволен – исто така беше јасно. Тој беше непотчинет дух, и не ги сакаше подаништвото и потчинетоста, ниту во професијата ниту во животот, напиша Стојанова.
Актерот Јовица Михајловски преку порака откри каков актер и партнер на сцената бил Јовановски.
Ме прашуваат, Имаш ли некоја анегдота за или со Мето? Имам, им велам. Анегдотата за Мето е тоа што за или со него нема анегдота. Тој беше монашки посветен на својата професија. Ја делевме гримиорната. Со Мето можеше да се разговара пред претстава во точно определено време. Четириесет и пет минути пред почеток на претставата тој завршуваше со секаков разговор и постануваше ликот кој треба да го толкува на сцена. Влегуваше во друг универзум, на ликот што го толкува. Имаше непријатни моменти, кога некој ќе се обидеше да му го наруши просторот во кој е навлезен. Реагираше не како Мето, туку како ликот кој го толкува. Неговата професионална посветеност често беше зачудувачка, за многумина, посебно за тие кој театарот го разбираат како простор за евтина себепромоција. Мето беше еден од најголемите македонски актери. Чест ми е што соработував со него, напиша во пораката испратена до семејството.
Comments are closed for this post.