Основци од земјава до недела седми пат ќе бидат дел од жири комисијата за избор на најдобар Европски филм за млада публика. Поради актуелната КОВИД-ситуација и годинава процесот ќе се одвива онлајн на веб платформата на EFA Young Audience Award, а учениците, околу 60, на возраст од 12 до 14 години, од неколку основни школи, ќе можат да ги гледаат филмовите со превод на македонски јазик.

По проследувањето на филмовите, како дел од европското жири, тие ќе го дадат својот глас за трите номинирани филмови: „Pinocchio“, „The crossing“ и „Wolfwalkers“, и ќе го изберат својот фаворит.

Во рамки на денот за оценување/гласање, основците ќе имаат можност директно да се запознаат со режисерите и актерите на филмовите, како и да разговараат и да ги споделат своите импресии со своите врсници – членови на жирито од 37 земји од Европа преку платформата International Chat Booth – Hello Europe.

По сумирањето на резултатите од сите 38 земји од Европа, во недела, на 25 април, во 19:00 часот, ќе се одржи церемонијата за доделување на наградата за најдобар филм од млада публика, онлајн на веб страницата на Young Audience Award (https://yaa.europeanfilmawards.eu).