Месецот мај за Националната опера и балет е од особено значење, месец во кој се одржува меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. За жал и оваа година поради пандемијата не сме во можност да го одржиме фестивалот, меѓутоа во чест на „Мајските оперски вечери“ и негово одбележување, Националната опера и балет ќе одржи серијал на концерти со наслов „Мајски концерти“. Настаните ќе бидат емитувани онлајн на официјалниот Јутјуб канал на Националната опера и балет, дел од нив и на ТВ 24, како и со надеж дел од настаните да се одржат со присуство на публика, согласно препораките на комисијата за заразни болести.

Прв во серијалот од „Мајските концерти“ Националната опера и балет  го најавува гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“  кој ќе биде емитуван на 9.5.2021г.  со почеток во 20 часот, на официјалниот Јутјуб канал.

Концертот е по повод 230 години од смртта на музичкиот великан Волфганг Амадеус Моцарт, еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката. Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес.

На гала оперскиот концерт ќе бидат изведени арии од делата „Дон Џовани“, „Волшебната флејта“ и „Свадбата на Фигаро“ и „Грабнување од сарајот“.

Диригенти се Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.