„Камерна приказна“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток во 19 часот, на кој како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Кончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).

Додека бил на турнеја во САД, во 1947 година, Артур Онегер добил нарачка од американската мецена Елизабет Спрејг Кулиџ да напише дело за англиски рог. Како солист на ум го имала Луис Спрејер, кој бил вработен во Бостонскиот симфониски оркестар, на кого, всушност, и му е посветено делото.

Онегер ја добил нарачката во август, се разболел и ја откажал турнејата во САД во која била вклучена и турнејата во Латинска Америка. Во ноември се вратил во Франција и не пишувал музика сè до летото 1948 година, кога започнал да го пишува Кончерто да камера и го завршил за кратко време. Кончерто да камера првпат било изведено на 6 мај 1949 година во Цирих, а американската премиера била во април 1950 година.

 

 

Во 1946 година, Дмитри Шостакович повторно почнал да пишува гудачки квартет. Веќе го имал совладано предизвикот кој му бил фасцинација и на Бетовен – да направи синтеза од ставови со различен карактер и да ги спои во компактно и вивидно дело. Камерната симфонија, всушност, е адаптација од Квартет број 3, која ја направил во 1946 година Рудолф Баршаи, диригент и близок пријател на композиторот. Симфонијата во помасивна форма и звук ги рефлектира бројните експресии, мелодии и дијалози кои во себе ги носи Гудачкиот квартет.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум, и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Голем број солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години, неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија на Република Северна Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко образование кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломира во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на своето образование посетува бројни семинари и работилници кај истакнати флејтисти меѓу кои значајна е соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Бугарија проф. Георги Спасов. Досега се стекнала со бројни награди и признанија во замјава и во странство.Дојчинова, освен како дел од оркестарот на Филхармонија, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Филхармонија започнува во 2013 година,каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.

Владимир Лазаревски (1979) свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна заминува на двегодишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи“ под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар Вејн Рејпиер и Марк Мекеван. По враќањето од САД, ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ и во февруари 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.

Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Моментно, Лазаревски е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик прогресив“, на ансамблот за современа музика „Контемпора“ и симфонискиот оркестар за филмска музика FAMES.Владимир Лазаревски свири на обоа „лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин.