Детскиот културен центар „Карпош“ и оваа година традиционално, во чест на градот Скопје ја организира манифестацијата „Го градам мојот град“ – 2020, манифестација посветена на најмалите од предучилишните установи.
Поради ситуацијата во која се наоѓа нашиот град Скопје и државата, ДКЦ Карпош реши манифестацијата да ја одржи на поинаков начин.
На наша покана децата од скопските градинки од поголемите групи направија макети со значајни објекти од градот Скопје. Објектот кој го одбраа да го изработат е по нивен избор. Градежниот материјал што го користеле децата за макетите е исто така по нивен избор и може да користат се што сакаат и сѐ што нуди природата. Децата за изработка на макетитете употребиле природни материјали, лисја, каменчиња, дрвцa, употребиле, боици, картон и друг прибор, а не ги изоставиле ни зрнестите продукти како што се леќата, оризот и зрна грав. Од сите овие работи произлегоа навистина прекрасни макети со градби, кои не би поверувале дека можат да ги направат деца од 4, 5 и 6 години. Покрај макетите добивме и фотографии од изработката на макетите односно фотографии како децата внимателно и посветено ги изработуваат, наведуваат од ДКЦ Карпош.
Идеата, како што посочуваат, е сите творби од градинките да ги изложат во дворот на Центарот, да направат изложба, а потоа и преку видео, да се прикаже на ФБ страната на ДКЦ „Карпош“, како и на Јутуб каналот на центарот. Видеото од манифестацијата „Го градам мојот град “- 2020 ќе се прикаже денеска, на празникот на градот Скопје 13 ноември со почеток од 11 часот.
Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности, детската креативност, а воедно и поопширно да ги запознае децата, колку големо значење има празникот 13 Ноември за градот Скопје, велат од ДКЦ Карпош. За градинките учесници на оваа манифестација, додаваат, предвидени се симболични подароци во знак на благодарност и соработка.
Comments are closed for this post.