По интерпланетарното патување од речиси седум месеци, вселенското летало на американската вселенска агенција (НАСА) слета на Марс, откако успешно ја помина атмосферата на планетата, за која од НАСА изјавија била „неколкуминутен терор“. Леталото Ин Сајт (поглед внатре) ја испрати и првата фотографија од црвената планета.

„Истражувањето е потврдено“, изјавија претставници на НАСА, а инжењерите и научниците тоа го поздравја со силен аплауз.

Мисијата на ИнСајт е да врши истражувања на внатрешноста и земјотресите на Марс.

Ова е за прв пат летало на НАСА по 2012 година (Кјуриозити) да слета на Марс и за прв пат се испраќа роботска геолошка лабораторија со која ќе се истражува внатрешноста на планетата, составот и уште поконкретно, тектонските активности не само на Марс туку и на другите планети.