Граѓаните во источниот дел од европскиот континент се поконзервативни по повеќе социјални прашања и се порелигиозни отколку жителите на Северна и Западна Европа, покажува истражување на американскиот инстут Пју рисрч.

Во споредба со Западна Европа, Источна и Централна Европа е помалку отворена кон муслиманите и Евреите, истополовите бракови и ја смета својата култура за супериорна над другите.

Континенталната поделба во однесувањата и вредностите можат да бидат екстремни во одредени случаи, наведува Институтот во најновата анкета за Европа.

Истокот на Европа во анкетата е дефиниран географски и ја вклучува територијата од Грција до Русија, Ерменија и Грузија. Во изтражувањето нема податоци за Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.

Во Централна и Источна Европа помалку од половина граѓани би прифатиле муслиман во своето семејство, а само малку повеќе од нив би прифатиле Евреин. Во Западна Европа, по ова прашање граѓаните се многу поотворени. Па така, само седум отсто Ерменци би прифатиле во семејството да им се приклучи лице од исламска вероисповест, додека во Холандија таа бројка достигнува 88 проценти.

Слични културни разлики се забележуваат по прашањата за истополовите бракови. Со исклучок на Чешка, жителите на ниту една земја од Источна Европа, не поддржуваат ваков облик на брак, додека резултатите се обратни на северот и западот на континентот. Негативниот однос кон истополовите бракови и кон муслиманите преовладува и кај помладата генерација (помеѓу 18 и 34 години), што е исто така крупна разлика со младите на Западот.

Анкетата покажува и дека луѓето во Источна Европа ја сметаат својата култура за супериорна над другите. Ова чувство е најсилно во Грција, Грузија и Ерменија, а потоа во Русија, Бугарија и поранешните југословенски држави.

За огромното мнозинство источноевропски граѓани „религијата е клучна компонента на националниот идентитет“, но тука спаѓаат и земји како Ирска, Италија и Португалија, додека Летонија, Естонија, Чешка и Словачка се поблиски до другите западни и северни земји по ова прашање.

Помал е културнитот контраст и по прашањето за легален абортус. Швеѓаните, Данците, Финците, Белгијците и Чесите се на врвот на листата на земји кои поддржуваат легален прекин на бременоста. Мнозинството во Естонија, Бугарија, Унгарија, Словачка, Србија и Хрватска исто така се во оваа група, додека жителите на Грузија, Молдавија, Украина и Русија пак се најостро против.

Поделбата помеѓу црквата и државата ужива посилна поддршка во Западна Европа, но и повеќе источноевропски земји се наоѓаат во оваа група, со Босна и Херцеговина на трето место, а Чешка на петто.

Истражувањето е водено помеѓу 2015 и 2017 во 34 европски земји и со него се опфатени 56.000 возрасни лица.