Експертите од Грција Флора Карагиани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и Мариа Мерзани, директорка на Управата за конзервација на антички и современи споменици деновиве со директорот на НУ „Завод и музеј“ – Прилеп, Благој Атанасовски го посетија манастирот Трескавец.
Нивната работна посета продолжи во Преспа каде со директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, Мери Стојанова и надлежните конзерватори, ги посетија црквата „Св. Илија“ во село Грнчари и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.
Во Курбиново се дискутираше за досега преземените зафати во доменот на конзервацијата на архитектурата на цркавата и за активностите кои следат, како и за проектот кој претстои – конзервација на ѕидното сликарство. За време на посетата, експертите од Грција го изразија својот позитивен впечаток за стручниот пристап во реализацијата на досегашните активности.
Работната посета продолжи со посетата на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, каде Мери Стојанова имаше можност да продискутира за значењето на локалитетот, но и за активностите кои се преземаат во рамките на проектот за инфраструктурно унапредување на Хераклеја.
Работната посета продолжи со посета на Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со историјата и актуелните програмски активности во Галеријата на икони, „Св. Богородица Перивлепта“ и „Св. Софија“.
На претходната средба со министерката за култура, Ирена Стефоска, меѓу другото, беше иницирано и потпишување меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и беше изразена подготвеност за конкретна соработка помеѓу двете земји со особен фокус на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита, како и академска соработка и изработка на трудови. На средбата беше договорено дека соработката ќе се формализира оваа пролет, а некои од заедничките проекти ќе може да почнат веќе оваа година, соопшти Министерството за култура.
Comments are closed for this post.