Заедно за нашата планета земја, групната изложба на која учествуваа триесетина уметници се отвори на 19 март во Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје.

Изложбата може да се посети до крајот на следната недела. Имавме можност да ја проследиме уметницата Гордана Винчиќ која позитивно изненади со инсталацијата „Синхроницитет“.

Просторот во галеријата Кора воздивнуваше од пролетни вибрации и висока еколошка свесност кај Винчиќ. Поставените ретро, реди мејд објекти, автентично изработени елементи и предмети ја будеа свеста за важноста на човековата блискост со природата.

Изведбата Винчиќ ја оплемени со невообичаен перформас во кој учествуваше и младата уметница Јелена Лашков. Ова е нејзин нов пристап во творењето.

Инспирацијата за учество на изложбата се роди при еден од моите престои и директни допири со природата. Нашето неблагодарно однесување кон неа станува алармантно. Човековата свест одамна заборавила од каде навистина потекнуваме и кои се примарните вредности за среќа во животот. Со инсталацијата и перформансот „Синхроницитет„ се обидувам да го инспирирам гледачот да навлезе во своето срце и таму побара одговор за се невозвишено што во моментов му се случува. Да се потсети на универзалниот јазик кој е напуштен и зацементиран длабоко во потсвеста на секој од нас. Заборавениот јазик најлесно се враќа во нашето сеќавање кога сме во природата. Кога еднаш ќе го пробудиме почнуваме да комуницираме со нашиот створител. Се подмладуваме, енергијата и љубовта кон животот се зголемува додека се друго станува по неважно. Створени сме да се надградуваме и уживаме во секој момент. Ја поздравувам пролетта за добродојдена, вели Винчиќ.