Градското собрание на Фиренца донесе одлука со која им се забранува на туристите да јадат на улиците во историското јадро на градот. Непочитувањето на ова ново правило ќе се казнува со глоби и до 500 евра. Градоначалникот Дарио Нардела ја објави забраната откако на тој проблем се пожалија жителите и сопствениците на дуќани на улицата Виа де Нери, позната по своите ресторани и продавници на традиционални деликатеси.
Забраната ќе важи само за таа улица и за тие што се во нејзина близина, вклучувајќи ја и таа што води до галеријата Уфизи, а ќе биде на сила само во време на ручек и во вечерните часови.
Забрането е да се консумира храна додека се седи на плочниците или праговите на дуќаните или куќите во околината. Новото правило не е насочено кон туристите општо, туку кон необразованите посетители коишто кампираат на улица со својот ручек. Ако туристите се однесуваат во Фиренца онака како што се однесуваат во своите домови, тогаш секогаш се добредојдени, особено ако сакаат да ги пробаат нашите гастрономски специјалитети – ја образложи одлуката, градоначалникот Нардела, додавајќи дека жителите не можат да влезат во своите куќи поради туристите што седат на нивните прагови.
Ова е само една од мерките коишто градоначалникот и градското собрание го донесоа за да го ублажат негативното влијание на туризмот врз овој тоскански град. И други италијански градови исто така донесоа слични мерки, како Венеција којашто забрани отворање нови киосци за брза храна, со цел да се намали количеството на отпад во градот.
Фиренца е еден од градовите во светот што имаат постојан пораст на посетители, во просек по 1,9% годишно во последните 17 години. Само минатата година имало 10 милиони ноќевања, дури два милиона повеќе отколку во 2012 година.
Comments are closed for this post.