ЈУ Младински културен центар објавува специјален повик во кој ја повикува пошироката јавност, сите минати и сегашни, блиски или далечни соработници на институцијата и сите поединци што имаат лична или туѓа приказна поврзана со МКЦ да ја раскажат преку писмо насловено како „Драг МКЦ“ и да ја испратат до адресата на институцијата.

МКЦ во 2022 година одбележува 50 години од своето основање, каде што покрај мноштвото настани планирани за јубилејот, истиот ќе се одбележи и со издавање Монографија во која ќе се најдат и дел од овие раскажани приказни.

Токму овие спомени се единствените вредни да останат запаметени и запишани, токму онака како што публиката го доживувала МКЦ низ текот на годините. „Драг МКЦ“ е активност која на интимен, вистински начин ќе ја раскаже приказната за МКЦ, за која очекуваме масовен одзив од јавноста, велат од МКЦ.

Писмата може да се испраќаат во текот на цела 2021 година до поштенската адреса на МКЦ, по електронска пошта; да се достават лично до МКЦ или пак преку пораки на профилите на МКЦ на социјалните мрежи. Приказните може да се лични или туѓи, анонимни или потпишани, во кој било формат што испраќачот смета дека е соодветен за нивно прераскажување.

Адресите за испраќање се ЈУ МКЦ Скопје, адреса Кеј Димитар Влахов 15 или info@mkc.mk како и поштенските сандачиња на нашите профили на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук и Твитер.