Македонската писателска асоцијација ја поздравува иницијативата на Град Скопје да именува неколку улици во главниот град по македонски писатели и оценува дека на тој начин се зацврстува местото на овие значајни творци во нашата колективна меморија и се поттикнува интересот и почитта на сите генерации граѓани за нивното литературно творештво.
Се разбира, литературните дела на писателите како сегмент на националната култура се инкорпорирани во образовниот процес и во другите јавни дејности, но веруваме дека и зачестеното спомнување и чествување на писателите преку именувањето улици во главниот град ќе придонесе за нивна популаризација и пошироко восприемање. Особено затоа што многу стихови, романи и раскази во нашата литература се посветени токму на градските амбиенти на Скопје и се неизбришливо вградени во неговиот урбан културен идентитет, наведува Друштвото на писатели.
Comments are closed for this post.