Литературна манифестација – ЧЕТВРТИ фестивал на поезија за деца „СТИХУВАЛКИ 2021 “
Проектот – ЧЕТВРТИ фестивал на поезијата за деца „СТИХУВАЛКИ 2021“, оваа година по четврти пат се реализира како литературна манифестација којашто има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој кај нас, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за деца.По распишаниот конкурс со свои творби аплицираа 132 македонски автори – (афирмирани и неафирмирани) како и автори од соседните држави. Од нив жири – комисијата избра 84 автори со нивните поетски творби коишто се објавија во заедничка збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“.
На тој начин се открија нови имиња кои творат за децата и еден нов неоткриен квалитет.
Песните беа континурано објавувани и на фејсбук страницата „СТИХУВАЛКИ“, со што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на жири – комисијата.
Завршната манифестација на ЧЕТВРТИОТ фестивал на поезија за деца „СТИХУВАЛКИ 2021“ ќе се одржи на 4 јуни 2021 година (петок) со почеток во 18.00 часот на ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, на отворено со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, при одржување на јавни настани.
На свеченоста ќе биде промовирана ЗБИРКАТА со поетски творби „СТИХУВАЛКИ 2021“ и ќе им бидат поделени ПРИЗНАНИЈА на сите 84 застапени автори во ЗБИРКАТА за нивното учество и афирмација на фестивалот.
На свеченоста ќе се соопштат традиционалните награди на трите најдобри поетски творби за деца од тројца автори на кои ќе им се поделат плакети и други подароци и тоа: ПРВА НАГРАДА која се состои од ЗЛАТНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“, комплет од 6 книги за деца; ВТОРА НАГРАДА – СРЕБРЕНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“ и комплет од 4 книги за деца; ТРЕТА награда – БРОНЗЕНА ПЛАКЕТА, збирка „СТИХУВАЛКИ 2021“ и две книги за деца.
Како и минатата и оваа година ќе се додели и СПЕЦИЈАЛНА награда за млад автор на песна, една СПЕЦИЈАЛНА награда за најдобра песна на странски автор и една СПЕЦИЈАЛНА награда за најголем број гласови од публиката.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин, кој своите цвеќиња ги шири низ сиот свет за поубав и посреќен живот на децата.
Автор на проектот и програмски уредник е: м-р Ели Маказлиева.
На свеченоста ќе се обратат:
проф. д-р Кристина Николовска претседател на жири – комисијата како и другите двајца членови : Владо Димовски-писател за деца и Лила Арсова.
Водител – модератор: Александра Велинова.
Свеченоста ќе биде збогатена со музичка точка на виолинскиот ансамбл од музичкото училиште „ПИЈАНОФОРТЕ“ – Скопје.