Филхармонија и овој четврток, на 1 април, ќе биде прибежиште за вистинските љубители на музиката, на оние кои ги претпочитаат вонвремените дела на големите светски композитори. Од 19 часот, во овој храм на уметноста и во институцијата која со сите сили, како и лани, се обидува не само да ја реализира предвидената програма туку и сцената како солисти и диригенти да ни претстави респектирани уметници, ќе биде изведена Четвртата симфонија, ремек делото на австрискиот композитор Густав Малер. Со Оркестарот ќе диригира маестро Габриел Бебешелеа, а солистка ќе биде сопранистката Милена Арсовска.
И, кога сме веќе тука најнапред малку историја. Три години по завршувањето на неговата последна симфонија, Густав Малер започнува да работи на своето следно обемно дело. Релативно брзо, за само десетина дена, успева да направи скици, но решава да не продолжи понатаму. По краток период, повторно се навраќа на компонирањето и за само неколку месеци успева да го заврши најсофистицираното и најнеобичното дело кое го напишал дотогаш – Симфонија бр. 4. Густав Малер
Инаку, постојат повеќе аранжмани на оваа симфонија. Еден од нив е и аранжманот на Иан Фарингтон, пишуван за ансамбл составен од 15 изведувачи. Задржувајќи го карактерот на оригиналното дело и третирајќи го секој изведувач како солист, Фарингтон успева да ги открие и оние помалку скриени аспекти на Симфонија бр. 4, кои слушателот тешко може да ги забележи при изведбата на оригиналното дело. А, токму него ќе има можност да го проследи македонската публика во оваа пригода на концертот „Божествениот звук на Малер“.
Милена Арсовска, некогашната ѕвездичка на легендарниот фестивал „Златно славејче“ денес е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломирала соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршувала и посетувала мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер.
Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а била финалист и на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“.
Како пејачка, Арсовска дебитирала во Македонската опера и балет каде што настапувала во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Интернационалното деби, пак, го имала во 2010 година во Театарот во Виена со настап во оперетата „Лилјакот“, за понатаму да се редат ангажмани на сцените во Магдебург и во Прага, како и на повеќе фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани“ и други.
Минатата сезона, Милена Арсовска настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја одведоа на сцените во Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и во САД. Нејзината последна улога е во продукцијата „Свадбата на фигаро“ во престижната опера во Вајмар, Германија.
Во меѓувреме гласот на сопранот Арсовска е забележан на неколку изданија како снимката со „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а за нас особено е значајно што можеме да ја слушнеме и во македонските филмови „Големата вода“ на режисерот Иво Трајков и „Војната заврши“ од Митко Панов.
Конечно, Милена Арсовка со Македонската филхармонија настапи во април 2017 година на концертот „Гласот на славејот“ и тогаш со Оркестарот диригираше Даниел Рајскин од Русија.
Јас сум борец и тоа што доаѓав од една помала средина во светските музички центри силно ме мотивираше. Една таква средина која бараше многу напор и самооткажување ме направи појака и ми покажа дека со труд сè се постигнува. Дека работата и дисциплината се единствениот пат до успехот. И многу сум среќна поради таа животна школа што ја научив таму. Сите имаат талент, ама талентот е само мал процент од нештата. Работата е како тој талент да го задржиш и мислам дека успешни се оние кои остануваат дословни на тоа колку ќе работат и како ќе го издржат целиот товар којшто го носи професијата, знае да каже Арсовска.
Маестро Габриел Бебешелеа е актуелен шеф-диригент на Филхармонија на РС Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними албум на кој е забележана сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“.
На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг симфонискиот оркестар (2016).
Comments are closed for this post.