Здружението „Арт Фанд“ соопшти дека 60 отсто од британските музеи стравуваат дека нема да ја преживеат пандемијата со коронавирусот. Својата проценка, која ја темелат на истражување спроведено на крајот на 2020 година, укажа дека новиот карантин воведен на почетокот на јануари може „значително да го зголеми овој број“ и да доведе до тоа некои музеи да ги затворат вратите засекогаш.

„Последниот карантин е тежок удар кој доведува до тоа музеите и галериите да се борат за опстанок“, рече директорката на „Арт Фанд“, Џени Валдман, и истакна дека малите музеи, иако се важни, немаат „резерви“ да ја преживеат зимата.

„Пандемијата не клекна на колена“, вели Дејвид Грин, директор на лондонскиот музеј „Флоренс Најтингејл“, кој минатата година мораше да се откаже од важната прослава на 200-годишнината.

Грин посочи дека, доколку кризата трае, тие можат да станат целосно несолвентни, што значи дека е тешко да се каже дали повторно ќе можат да ги отворат вратите.

Културните институции, принудени да не работат, беа сериозно погодени од пандемијата од која во Велика Британија досега починале 93.000 луѓе, повеќе од било каде во Европа.

Владата итно даде 1.57 милијарди фунти за секторот култура, што е поздравено, но недоволно.

Во петокот, од „Арт Фанд“ објавија дека ќе дадат дополнителни 750.000 фунти за 23 културни институции, а со ова, поддршката во секторот од почетокот на пандемијата порасна на 2.25 милиони фунти.