Владата на денешната седница ја разгледала и прифатила Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески, а Министерството за култура треба да го координира спроведувањето.

Усвојувањето на програмата следува откако оваа година се најде во календарот со важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески.

Во негова чест, Владата укажала и на Народната банка во рок од 5 дена да достави предлог одлука за изработка на пригодни ковани пари, соопштија од владината прес-служба.

Задолженија да ги реализираат активностите кои се нивна надлежност добија и три министерства: за култура, за образование и наука и за надворешни работи.

На останатите институции и установи кои се дел од Националната програма, пак, Владата им укажува навремено и квалитетно да ги реализираат предвидените активности и да ги финансираат од сопствените буџети.