Пред точно еден месец, пишувајќи за случајот на Ива Михаилова од Кочани, поставивме три суштински прашања и изнесовме теза која за некого можеби звучеше премногу директно, а за дежурните критичари на власта дури и „конспиративна“. Тогаш јасно посочивме дека нејзиното мистериозно заминување во Бугарија, и покрај одземените пасоши и судските мерки на претпазливост, не е обичен криминален инцидент, ниту пак обичен пропуст на некој граничен службеник. За жал, предупредувањата дека станува збор за фабрикуван случај и координирана операција на структури од двете страни на границата со цел дестабилизација на македонската Влада и бетонирање на блокадата на нашите евроинтеграции, денес добиваат своја драматична и поразителна потврда за креаторите на аферата.

Најновите аудио-снимки што ги објави бугарскиот новинар и јутјубер, Станислав Цанов, не се само обична медиумска сензација. Тие се политичка и разузнавачка бомба која целосно ја соголува суштината на целата афера. Во разговорите, самата Михаилова признава дека нејзиното лекување и рехабилитација во Бугарија директно зависат од бугарската Државна агенција за национална сигурност (ДАНС), која и ги диктирала медиумските настапи, и забранувала гостувања и ја условувала со појавување кај строго селектирани новинари за да можат однапред да се режираат и прашањата и одговорите. И веднаш потоа, како по учебник за тајни служби, следува нејзиниот паничен статус на социјалните мрежи, напишан на англиски јазик, во кој таа покорно порачува дека „никој не ја принудувал на ништо“ и моли да ја остават на мир.

Да тргнеме со ред и да ги анализираме последиците од ова разоткривање, бидејќи тие длабоко ќе ја потресат Бугарија, но и целокупната динамика на македонско-бугарските односи. Секако дека ќе има влијание и во Македонија и врз евроинтегративниот процес на земјава.

Најпрвин, што се случува во Бугарија? Објавените снимки предизвикаа вистински политички и институционален земјотрес во Софија. Во земја членка на Европската унија и НАТО, каде што безбедносните служби би требало да бидат гарант на демократскиот поредок и човековите права, излегува на виделина дека тајната полиција (ДАНС) директно режира медиумски наративи, цензурира новинари и уценува пациент со здравствена нега за да произведе антимакедонска пропаганда. Не случајно бугарската опозиција веднаш побара оставка од врвот на ДАНС, а самата агенција побрза со неубедливи деманти да ја минимизира штетата.

Овој скандал го урива вештачки градениот мит во Софија за некаква „хуманитарна грижа“ кон граѓаните со бугарски пасоши во Македонија. Се покажа дека за одредени разузнавачки и политички кругови во Бугарија, Ива Михаилова никогаш не била пациент на кого му треба помош, туку обична марионета и заложник во нивната хибридна операција против Македонија.

Второ, какви се импликациите на домашната политичка сцена во Македонија? Овде работата станува уште појасна и, би рекле, политички погубна за македонската опозиција, пред сè за СДСМ. Да се потсетиме на нивната хистерија пред само неколку недели. Додека македонската Влада и МВР повикуваа на трпение и сериозна истрага, раководството на СДСМ како по директива ги преземаше зборовите на избеганата Михаилова како апсолутна вистина. Тие бараа оставка од министерот за внатрешни работи, ја обвинуваа македонската владата за неспособност, па дури и бескрупулозно ја ширеа невистината дека Михаилова ја поминала границата со лична карта.

Денес, по објавувањето на снимките во Бугарија, секој наш граѓанин може да види чија била реториката којашто ја репродуцирала македонската опозиција. Прашањето што сега виси во воздух не е дали МВР направило пропуст, туку дали СДСМ свесно или несвесно било дел од истата пропагандна машинерија чии конци ги влечеле бугарските тајни служби? Кога една политичка партија во Македонија со недели ги повторува тезите што, како што сега дознаваме, биле пишувани и одобрувани во канцелариите на ДАНС, тогаш веќе не зборуваме за обична политичка борба.

Зборуваме за целосно губење на државотворниот компас и за координирано делување против интересите на сопствената држава. Наместо да застане зад македонските институции кои се борат против хибридни и разузнавачки провокации, опозицијата избира да биде мегафон на оние што сакаат да ја прикажат Македонија како нефункционална држава во која наводно се кршат човековите права.

Трето, и можеби најважно, како овој пресврт ќе се одрази врз билатералните односи меѓу Скопје и Софија и врз нашите евроинтеграции? Во дипломатијата нема случајности, особено не кога се кршат копјата околу стратешки прашања. Целата конструкција со „случајот Михаилова“ беше темпирана токму во моментот кога македонската Влада, преку аргументирана, достоинствена и проактивна дипломатија, успеа да ја придобие наклонетоста на клучните европски фактори и да ја принуди официјална Софија да се соочи со неодржливоста на нејзините условувања и блокади.

Целта на креаторите на оваа афера беше кристално јасна, односно, пред Брисел, Стразбур и Вашингтон да се создаде вештачка слика дека во Македонија постои системски прогон на граѓани со бугарска самосвест, со што Софија би добила нов „аргумент“ за да го кочи македонскиот пат кон ЕУ и да го избегне дијалогот за надминување на спорот. Но, наместо да и донесе дипломатска предност на Бугарија, овој случај и се враќа како бумеранг право в лице.

Денес, пред очите на целата европска јавност, улогите се целосно сменети. Сега не е Македонија таа што треба да се правда пред меѓународните институции, туку официјална Софија е таа што треба да објасни пред своите европски партнери зошто нејзината државна безбедносна агенција организира тајни операции на територијата на соседна земја, зошто киднапира или извлекува лица со активни судски постапки и зошто ги уценува со лекување за да ги злоупотреби во политички цели. Ова е огромен дипломатски поен за Македонија. Сите аргументи на македонската влада и на македонската дипломатија дека проблемот никогаш не бил во непочитувањето на правата на малцинствата во Македонија, туку во вештачки продуцираните кризи од страна на кругови во Бугарија, сега добија непобитен доказ од самата бугарска јавност.

Во контекст на евроинтеграциите, ова сознание мора да биде пресвртница. Европската унија повеќе не може и не смее да ги затвора очите пред фактот дека земја членка на ЕУ користи разузнавачки методи за да ги саботира европските перспективи на својот сосед. За македонската влада, ова е дополнителен ветер во грб за да продолжи со својата принципиелна и конзистентна политика без прифаќање на уцени, без потклекнување пред фабрикувани кризи и со цврста заштита на македонскиот национален и државен интерес. Истовремено, македонските институции (обвинителството, судството и безбедносните органи) сега имаат и морална и законска обврска до крај да ги истражат сите домашни помагачи во оваа операција, почнувајќи од тие што изготвувале лажни медицински извештаи, па сè до оние што логистички го помогнале нелегалното преминување на границата.

На крајот, случајот со Ива Михаилова носи една голема, отрезнувачка лекција за сите. Во политиката и во меѓународните односи можете да монтирате приказни, да плаќате медиумски кампањи и да ангажирате тајни служби за да ја искривите реалноста, но не можете вечно да ја држите вистината под клуч. Лагата секогаш има краток рок на траење. Снимките што одекнаа во Софија не само што ја ослободија македонската влада од неправедните обвинувања, туку и пред целиот свет покажаа кој навистина се бори за европски вредности и владеење на правото, а кој сè уште живее во мрачните лавиринти на балканските разузнавачки сплетки. Македонија излегува од оваа битка посилна, помудра и со потврда за исправноста на сопствените политики.