Денес започнува месец март, женски месец, или месец со многу пресврти. Се менува сметањето на времето, се менува и годишното време. Или како што вели и латинската „panta rei“, или во превод – се тече, се се менува. Така во овој период на пресврти и власта најави дека договорила заеднички или т. н. консензуален кандидат за претстојните претседателски избори. Па ете ќе видиме кој ќе биде „консенсзуалниот јунак“.
Во нашето длабоко поделено општество, политички поларизирано до највисок интензитет, секоја една власт до сега се трудела да постигне консензус, или да постигне политички договор со цел да формира влада и да ја води државата. Во политичката теорија се вели дека во поделените општества како што е нашето, може да се постигне политички компромис се додека политичките лидери се спремни да направат взаимен компромис. Нивните договори најчесто се однесуваат на распределбата на ресурсите на национално ниво. Политичките лидери обично расправаат меѓу себе како да го поделат државниот колач. Така политичките елити се приспособуваат врз основа на тоа дека распределбата треба да ја отсликува релативната бројност на населението на секоја група што ја претставуваат елитите, како и тоа дека секоја група треба да задржи малцинско вето во однос на прашањата кои ги оценуваат како витални за сопствените интереси. Сето тоа кај нас политичките елити започнаат да го практикуваат и да стануваат се поумешни во тоа, но пред се да го злоупотребуваат.
Така не треба да не зачуди во иднина, ако власта лансира кандидат од своите политички редови и го оквалификува како „консензуален“ претседателски кандидат и дека за сето тоа во иднина, власта ќе треба да плати своја цена на коалиционите партнери од албанскиот политички блок. Власта во замена на гласови од албанските коалициони партнери ќе треба да отстапи дел од колачот, но најчесто тие отстапки одат на штета на мнозинското население.
Во последниот период видовме дека власта беше спремна да направи низа отстапки на своите коалициони партнери во замена на поткрепа, а едиснтвено со цел само да се биде на власт и да се владее. Така, власта направи отстапки во замена за албански гласови за време на гласањето на референдумот за промена на државното име, а на штета на националниот интерес. Исто така распределбата на финансиската поддршка во Министерството за култура, а сето тоа беше на штета на целата национална култура. А отстапките, ред се редат на чело со непотизмот и корупцијата во државните институции. Останува да видиме во иднина што власта отстапила во име на т. нар. „консензуален“ претседателски кандидат, а којшто најверојатно ќе биде од највисокото партиско раководство, или партиски миленик.
Ова е месец на пресврти, или како што милува да кажува народот „да поминат бабите“ или баба Марта, па после ќе се поправи времето. Да, времето сигурно ќе се поправи, бидејќи доаѓа пролет, но дали власта ќе се оправи и поправи, едноставно не верувам. Што и да направат во иднина во името на тој т. нар. „консензус“ едноставно ќе треба очите широко да ги отвориме, дури шеснаесет и да видиме што договориле, т.е. каква ќе биде следната отстапка што ја направиле на наша штета.
Comments are closed for this post.