Познатиот роман „1984-та“ на англискиот писател Џорџ Орвел претставува визија за тоталитарната држава, така што ова четиво е еден вид протест на авторот, а водено и предупредување за опасноста и последиците на тоталитарната држава. Току од овој роман свои корени влече познатиот израз „Големиот брат те гледа“. Исто така, од овој роман доаѓа и придавката – Орвеловско, коешто е израз во врска со таен надзор, тајно набљудување, или тајно следење на комуникации.
Кај нас таквите тајни следења и прислушувања имаат долга традиција во нашето кратко опстојување како независна држава. Секако тука може да се додаде и тајното следење во времето на комунизмот на овие простори. Во поновата историја позната е аферата „Големото уво“ во минатото кога МВР прислушувало политичари, новинари и дипломати. Другата слична на таа афера е прислушувањето кога беа пуштени познатите „бомби“ или тајно снимени разговори од страна на моменталната власт, а претходно во опозиција. А потоа беше создадена посебна институција СЈО (разбирај инквизиција на моменталната власт во модерни услови) со задача за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на тоа незаконско следење на комуникациите. И така сега се појави последниот скандал со прислушување во основното јавно обвинителство.
И веќе има цела една седмица, а власта нема никакви конкретни информации презентирани во јавноста во врска со овој скандал. Само за споредба, аферата Вотергејт во САД , еден добро познат политички скандал, во тоа време завршил со оставка на претседателот на САД, Ричард Никсон.
Во нормална држава или во малку понормална држава, после еден ваков скандал со прислушување каков што е тој во јавното обвинителство би следеле оставки од морална одговорност на челните лица на раководни функции. Но кај нас, само тоа не бива. Се некој друг е виновен, а најчесто тоа е претходната власт. Па така виновен беше Бранко, па Љупчо, па пак Бранко, сега Грујо, следно Заев, а можеби и Мицко, којзнае. А за на крај виновен може да испадне турскиот султан што не остави вака.
И деновиве како да се подзаборави за скандалот со прислушувањето во јавното обвинителство. Нема ништо. Тишина. Молк. А уште се дискутира на големо за бегството на поранешниот премиер. И каде е моралната одговорност. Ете, според власта, за тоа треба да се има аргументација. Не може туку така да се даде оставка, бидејќи власта е слатка и лесно не се напушта со оставка. Видовме дека моралот за власта не е морал, нема такво нешто. Власта нема морал. Тоа е само мисловна именка за нив. Ете според нив, ние сме нација со комплекс.
Кај нас политичарите не знаат за одговорност. Својата неспособност ја оправдуваат на полесен начин за нив, со вперување на прстот кон претходникот. Значи, ако работата не штима, за тоа виновни се предците, а ние никако да ја поправиме работата. Додека ние овде имаме време да се слушаме и прислушкуваме и да се зафркаваме меѓусебе, другите се борат против неправдите и одат напред. На пример, видовме деновиве како се борат французите против неправдите. А додека кај нас поскапуваат горива, поскапува лебот, се менува уставното име на државата, ние спиеме. Доста се слушаме и спиеме. Време е да се разбудиме. Ако не знаеме како, може барем малку да научиме од французите.
Comments are closed for this post.