За комплексите на нацијата не е лесно да се зборува, особено ако припаѓаш на таа нација. Или ако си бил на државни функции, додека нацијата се „фрустрирала“ до „комплексирање“ од државните политики. Вака издвоени, „комплексите на нацијата“ споменати во дебатата за уставните амандмани, поттикнуваат подлабока анализа.

На прв поглед, разбирливо е дека освртот кон „комплексите“ целно е насочен кон илустрација на (последиците од) бесмисленото барање корени на македонскиот идентитет во антиката, како реторика и политика на Владата на Груевски. Но, во основа, оваа тема поттикнува на размислување за тоа какви фрустрации, комплекси и разочарувања на нацијата и општеството се создаваат веќе три децении, до и по 2016.

Последното разочарување во низа и извор на фрустрација што води кон комплекс на недржавотворност е неуспехот Македонија ефикасно и суштински да се справи со груевизмот како парадигма за корпоративното владеење засновано на слаби, партиски контролирани институции кои економијата, надворешната политика, политичкиот систем… ги подредува на насоките и интересите на малубројна (економска и политичка) елита, додека и натаму се маргинализираат огромното мнозинство граѓани. И денес, две години по парламентарните избори и година и пол по изборот на Владата на Заев.

Самото инсталирање на Груевски во 2006 и груевизмот од 2008 е последица на незадоволството на граѓаните од социо-економското потфрлање на транзициските влади од 1992 до 2006 и бројните национални порази кои (навидум) се засновани на траумите од конфликтниот регион заклучно со 2001 во Македонија, а (суштински) се одраз на клептоманската политика на псевдо-политичките елити, неправедната првична редистрибуција на капиталот и криминализацијата на политиката. Инсталирањето „млада и надежна“ екипа од 2006 која всушност сакала само да се вгради во македонскиот (политички) пазар и „елита“ беше камуфлирано со фасада од „антички корени“, барок-архитектура, буџетско субвенционирање на неспособниот менаџмент и клиентелизирање на работната сила во административна гласачка машинерија.

Секако, за ескалацијата на груевизмот (помал) дел од одговорноста за оваа состојба лежи и во западните дипломати во Скопје, кои ги игнорираа сите видливи сигнали и директни укажувања дека владеењето на правото, политичкиот систем и економијата во Македонија се поткопуваа(т) со затворањето очи пред налетот на псевдо-конзервативизмот и клепто-политичката пракса на властите, широкоградо финансиран со структурни и комерцијални кредити – од нивните влади.

Кога во 2016 граѓаните застанаа на патот на политиката на Груевски, на Владата на Заев и дадоа време за развој на (столбовите на) домашната економија и институциите, свесни дека економско-политичко чудовиште создадено минатата деценија го јаде сопственото национално (работоспособно) ткиво. И оправдано очекуваа право, правда и просперитет. Но, повторно им се изневерени очекувањата.

Ако пред две години граѓаните покажаа свест и таа власт ја пратија во минатото, задача на политичарите денес е да признаат дека единствена суштинска промена во овие две години Владата е замената на една („античка“) митоманија со нова („евро-бирократска“) реторика која наскоро ќе биде извор на нова национална фрустрација. Или попрецизно – „Европа, Европа“ е новата „Антиквизација, Антиквизација“.

Така, година и пол од новата влада, јасно е дека единствено поместување во земјата е промената на уставното име, додека економијата е во истиот застој, даноците неоправдано растат, буџетот оди над плафонот, институциите се исто нефункционални, воздухот е еднакво загаден, а иселувањето е дури и уште поизразено.

Кога кон ова ќе се додаде растечкото чувство на етничките Македонци дека „губат“ од својот државотворен капацитет, чувството на етничките Албанци дека ништо „не добиваат“ во својот хабитус тука и чувството на граѓаните од сите останати заедници дека во Македонија се само „статистика“, најавата за нова општествена и политичка динамика е веќе јасна. И во неа протестот на опозицијата е легитимен, а за тоа како изгледа, се облекува или говори Мицковски, Села или било кој опозициски политичар вклучително долупотпишаниот веќе не одлучуваат владино-партиските ботови на социјалните мрежи или вечната медиумско-аналитичка камарила, туку граѓаните.

Личи извесно дека и „западните дипломати“ се свесни дека не требаше да го прекинат прозападниот општествен моментум потпирајќи се на партократската елита што самите ја произведуваа, бидејќи тоа што лесно можеше да се консолидира во 2016, сега ќе биде потешко; помалку е извесно дали сега ќе ги сфатат пораките што јасно им се упатуваат од македонското секојдневие, а најнеизвесно е дали имаат простор да не ја повторат нефункционалната пракса и во 2019/20.

А горенаведеново е основата за новите „комплекси“ кои растат во колективната свест етнички, партиски, полово… неселективно и длабоко. Овие нови трендови веќе ги обесмислија постојните партиско-нво-медиумски структури и елити и ги парализираат, а на граѓаните им даваат право и обврска на барање алтернатива, до степен на непредвидливост кон традиционалните и особено сегашните естаблишменти. Погледнете ги референдумските резултати и тековните анкети и се станува јасно.

Дека 2019 ќе биде изборна година е јасно. Дали и на парламентарно ниво – ќе стане јасно за два месеци.

Дотогаш, секој функционер што зборува за „комплексите“ на нацијата прво треба да се обиде да ги сфати пораките од нацијата и причините за нив, па да си ја провери биографијата и особено да провери дали тој бил во (секоја) владејачка гарнитура додека нацијата се „комплексирала“ и на крај, доколку (и натаму) останува на своето мислење – од нацијата да не добива плата, стипендии, привилегии, ниту да ја претставува во земјата или во странство и да не води нејзини институции.