Генерациите што ги поминале 90-те години од минатиот век како тинејџери сигурно се сеќаваат на познатиот светски хит Wind of Change на германската рок група Scorpions. Хитот Wind of Change или во превод на македонски „Ветер на промена“ е моќна балада за крајот на Студената војна и за надеж во време кога се појавуваат тензични услови поради падот на комунистичките влади меѓу земјите од Источниот блок, почнувајќи од 1989 година. После тој историски момент, политичката мапа на Европа и светот веќе не е иста. По падот на комунизмот во Европа, веќе станува сосема јасна геостратешката цел на НАТО дека амбициозно ќе се проширува на исток, приклучувајќи ги како свои сојузници бившите советски републики, па така се до дворот на Русија.

Во тој ветер на геополитички промени е и определбата на нашата држава за евро-атланско интегрирање и полноправно членство во Алијансата. Конечно определбата и целта е исполнета со потпишувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО што се случи пред некој ден во Брисел. Власта успеа да го протурка тој план по цена на промената на уставното име и во иднина нашата држава ќе седне на 30-то столче во седиштето на НАТО како Република Северна Македонија. Да, се смена уставното име и се ребрендиравме заради нашиот јужен сосед да не поткрепи во нашата долгорочна определба. Цената е платена и ете ќе бидеме полноправна членка на НАТО. Честитки пристигнаа од секаде. Но, колку навистина се радосни и задоволни граѓаните од тој ветер на промени можеше да се насети по минималното учество на забавите што власта ги организираше минатото лето во градовите низ државата. А потврда за тоа беше и неуспешниот референдум.

И ете големиот ветер на геополитички промените не однесе кон НАТО. И што сега? Експертите велат дека ветерот кон НАТО е добар, бидејќи пристапувањето кон НАТО означува влез во друштвото на западните развиени нации, а тоа од своја страна за држави како нашата е безбедносна гаранција од корист за долгорочната стабилност и имиџот на државата на надворешен план. Исто така, членството во воеаната алијанса ги зајакнува политичките и економските односи со Европската Унија. Но, пред да се придружиме кон НАТО и ЕУ нашата држава треба да помине низ значителни промени и реформи.

Едниот пат за приклучување кон НАТО некако го завршуваме, иако болно помина. Другиот пат за интеграција кон ЕУ допрва ни претстои. Нашата држава е на тој пат имајќи статус на кандидат земја заедно со другите држави од Западен Балкан (Албанија, Црна Гора и Србија). Според најновото истражување на американската невладина организација „Фридом Хаус“, оваа група државо од регионот се делумно слободни земји, како и високо корумпирани. Ветерот на промени нема да не дувне и нема да се случи преку ноќ да станеме членка на Европската Унија. Ќе треба макотрпно да работиме за да ги исполнеме условите за членство како слободен економски пазар, стабилна демократија и владеење на правото.

Организираниот криминал и корупцијата се уште остануваат како голем проблем за нашата држава. Неквалитетното образование произведува необразовани луѓе со никакви вештини потребни за дигиталното време. Лошиот и нефункционален здравствен систем не помага на никој. Со неквалитетно образовани и болни граѓани ќе имаме и лоша економија. Ветерот на геополитичките промени не дувна кон НАТО. Но, дали ќе не дувне ветер и на внатрешен план кон подобро? Или ќе пак ќе дувне и ќе не однесе во виорот на поголеми кризи? Останува да видиме, а претседателската трка може да започне.