Останува да се види колку бившите подземни политички центри ќе бидат резилиентни, дали повторно ќе се трансформираат и камелеонски ќе го преземат „реформскиот“ имиџ на себе, поведувајќи ја „Северна“ Македонија напред – во нов застој типичен за „Поранешната југословенска“.
По Првата Светска војна и абдикацијата на кајзерот, германската држава е видоизменета и географски и според уредувањето (монархијата е заменета со републиканско уредување). Во ерата на рефлексија на Октомвриска Револуција и формирањето на Советскиот Сојуз, започнува и класно-социјалниот судир. Формирањето на Вајмарската Република (наречена така од историчарите според градот каде е донесен нејзиниот устав) е од особено значење, затоа што таа, како и недореченото Примирје од 11 ноември 1918 го одржуваат имиџот на непоразеност на Германија по големата војна и ги создаваат темелите за барањето виновници кои и го поткопале победничкиот од (што нацистите ќе ги најдат во левичарите и Евреите). Версајските репарации што и ја уништуваат националната економија ќе и го оправдаат чувството на жртва и пониженост, а социо-економскиот притисок ќе го продлабочи судирот во општеството и ќе создаде околности што во два мандати го инсталираат Хиндербург, еден од највисоките империјални генерали за време на Големата Војна, во скоро консензуален претседател и гарант за кревката демократија во Вајмарска Германија. А нејзиното загрозување, парадоксално, е предизвикано од перманентното одење на предвремени избори со цел надминување на економско-политичките кризи.
Можеби изгледа чудно на прв поглед, но Македонија денес во многу што општествено и политички наликува на Вајмарската Република, за среќа не поради последиците од војна, туку по својата длабока поделеност по големите турбуленции што ги минува во континуитет и во барањето свој хиндербурговски „консензуалец“. Иако не во екстрем, поделбата меѓу партиите е огромна не по идеолошка, туку по фамилијарно-клановска основа што ги парализира штом останат без власт, а по практичното преигрување со Законот за јазиците, поделбата меѓу етничките заедници ќе стане помал проблем во однос на меѓусебното отуѓување на граѓаните.
Обидот Преспанскиот договор да се претстави како неверојатен успех е еднаков на обидот да се добие впечаток за непоразеност, иако на сите ни е јасно дека ерга омнес-от на Северна Македонија е горчливиот залак што толку тешко се проголтува, а недефинираноста во однос на македонскиот етницитет останува прашање на кое допрва ќе се навраќаме.
Обидот пак Законот за јазиците да се официјализира без официјално преземање одговорност за неговата пронулгација покажува дека уште едно решение е преземено со цел парцијално решавање на проблем наместо системско уредување на една легитимна потреба. Ова е мој став заснован на политичка проценка и понуда од 2016 за адекватен опсег на употребата на „албанскиот“, наместо на „јазикот што го зборуваат најмалку 20%…“ согласно Устав, наместо административно потпикнување на албанскиот јазик како „втор службен“, согласно закон, кој ќе стане онолку неприменлив колку што државната преведувачка Агенција ќе заглави во преводот на административните преписки или министрите ќе сакаат да ја блокираат извршната власт.
А обидот, пак, сето ова да се затскрие во партиската реторика што сега полека се калибрира кон претседателските избори, ќе не „води кон дебата“ за тоа дали ни се потребни предвремени парламентарни избори, а фактички ќе охрабрува подземни договарања за нови меѓусебни концесии меѓу елитите, што дополнително ќе го потхрануваат чувството на пониженост и онеправданост – на граѓаните.
Штом видиме какво извитоперување на демократските и парламентарните процеси се случи во земјата изминатата деценија и колку тие не се вратени на нормална „патека“ со сите предвремени избори, амнестии и трули, неодржливи политички компромиси во име на „големи цели“, станува јасно дека Македонија влегува во последната етапа на својот вајмарски распоред.
Модерното разбирање на „лидерство“ по терк на европската бирократија ќе ни ја промовира тезата за некаков „обединител од хиндербуршки калибар“ без притоа да се има предвид тешката порака на одбивност кон политичките процеси и нивниот недостаток на вредност и доблест испратена со минатосептемврискиот референдум.
Бидејќи фејкерството на бирократијата е презрено и во земјава и во регионот, можеби е добро подготвеноста за планот „Б“ и уставни измени за избор на претседател на Републиката во Собрание да се стави во повисока брзина, за превенција на криза, наместо по произведената криза.
Корисно е, во таа смисла, да се искористи предноста што „Северна“ Македонија ќе може да ја има пред „Поранешната југословенска република“: со пензионирањето на „југословенското“ ќе има можност да ги пензионира и политичките мешетари произведени од тој период, како и политиките што ги одржувале во кондиција.
Секако, останува да се види колку бившите подземни политички центри ќе бидат резилиентни на овие процеси и дали повторно ќе се трансформираат и камелеонски ќе го преземат „реформскиот“ имиџ, поведувајќи ја „Северна“ Македонија напред – во нов застој, типичен за „Поранешната југословенска“.
Да не заборавиме дека неуспехот на овој процес и „вајмазирањето“ на Македонија ќе може да биде и нов извор на (регионални) проблеми: тој што не предизвикува не значи дека не е причина. А за поводи е лесно.
Во динамичниот свет во кој живееме – се се одвива и се случува побрзо.
Comments are closed for this post.