Живееме во лудо време. Во време на светска пандемија заради корона вирус. Ограничени, под стрес, живеејќи со надеж за подобро утре. Токму во ова лудо време станав родител. Едно од најчестите прашања што ги добивам од пријатели и познаници е прашањето за тоа какво е чувството сега во улога на родител.

И претпоставувам дека заради околностите на ова лудо време моите емоции се измешани, па така најчесто мојот одговор е убаво, стресно и интересно. А повозрасните, токму оние што се најризични по здравјето во ова лудо време обично знаат да кажат дека секое време има свои убавини и тежини.

И така живеејќи убаво, стресно и интересно во ова лудо време, се прашувам, а препоставувам дека и истото го прашање го мачи секој еден одговорен родител, особено оние новопечените родители, а тоа е прашањето: „Во каков свет ќе живее моето дете“? Таа мисла сигурно се појавува во некој дел од мозокот, особено касно навечер, пред легнување, во тишината. И навистина, прашање е каков свет ќе им оставиме на своите деца, особено гледајќи ние како родители во каков свет сега живееме.

Каков ќе биде светот после пандемијата на корона вирусот?! Ова прашање е доста актуелно во медиумите, а многу светски теоретичари од науката зборуваат дека на повидок е нов светски поредок, кој токму во овие моменти се бори да биде роден. Гледаме дека светот се наоѓа во една парализа како резултат на кризата со корона вирусот.

Гледаме дека се одложуваат значајни светски спортски и други настани. Некои ја споредуваат оваа криза со некои претходни светски финансиски кризи, но вистинската финансиска криза токму допрва ќе следи.

Во исто време се појавуваат и најразлични теми и теоретичари на заговори кои зборуваат дека оваа светска пандемија е причинета од развојот на 5Г технологијата, а други заради потреба од воведување на глобален систем за надзор, итн. Кој знае, вистината може да биде некаде на средина од двете крајности на она што ни се претставува како информација за тоа што се случува, и она што се случува зад сцената, а ние не може да го видиме во овие моменти.

Но, едно е јасно дека сите сме во иста каша и оваа 2020 година долго ќе ја паметиме. И покрај сите теории на заговор и обиди за предвидување каков ќе биде светот после оваа пандемија, повеќе од јасно е дека светот нема да биде истиот, т.е. оној стариот. Тоа го покажуваат и многу истражувања за општествените промени во светот. Политиколошките истражувањата во последните неколку години покажуваат дека автократизацијата се забрзува во светот и дека се појавуваат се повеќе авторитарни режими. Тоа значи дека луѓето се повеќе бараат или бираат авторитарни лидери, а државите се повеќе се затвораат и се вртат кон себе и сѐ помалку се отвораат кон светот.

Мислам дека оваа криза со корона вирусот ќе биде еден зачин во целата оваа каша и уште повеќе ќе ги забрза тие одамна започнати општествени процеси во светот. Политичките страсти за националните држави ќе продолжат да растат и во иднина, но сепак после оваа криза линија на разделба на државите во светот нема да биде помеѓу авторитарните режими и демократските системи, а напротив, вистинската линија на разделба ќе биде помеѓу државите што имаат политичко лидерство што успешно се справува или ќе се справи со оваа криза, и оние држави со неефективно политичко лидерство.

Несомнено е дека оваа криза со корона вирусот се користи како адут во геополитичката игра на големите играчи на светската политичка сцена. Нивниот конфликт ќе продолжи и во иднина. Светот после пандемијата ќе се менува и за нас и за нашите деца. А во каков свет ќе живеат нашите деца, сепак во еден дел зависи токму од нас сега каков свет ќе им оставиме на нашите деца. Се надевам дека некои лекции за иднината на нашите деца можеби и најпосле ги научивме во ова лудо време.