Портокалова фаза во државата. Ептен жешко. Пукаат медиумски „бомби“ и политички скандали. „Рекет“ е насловот на оваа летна епизода од скандали на власта. Во овие две и пол години од мандатот, најголемиот „успех“ на оваа власт е промената на државното име. Тоа беше главната мисија и цел на Премиерот и екипата околу него. Ветувањата од типот „ќе дојде живот“ и „правда за сите“ останаа само празни зборови. После извршената задача за промената на државното име, Премиерот продавајќи го името на сопствената држава почна да владее во стилот „прави што сакаш“. Со договорот за промена на државното име се одглави еден децениски и регионален проблем од геостратешко значење за ЕУ и САД. Да, оваа власт направи бескрупулозни нешта за да ја постигне таа цел и тој свој така наречен „успех“ го разбраа дека ќе можат да се закануваат, уценуваат и грабаат. Народот ги слушаше нивните ветувања за подобар живот и вистинска правда, но не очекуваше дека за толку кратко време ќе ја утнат работата уште повеќе. На последните претседателски избори народот испрати јасно предупредување до власта, оставајќи простор да се поправат во своето владеење. Но, тие уште подлабоко нурнаа во својата алчност и расипништво.

После промената на државното име, не започнаа со реформи за подобрување на општеството, еконимијата, здравството, образованието, а започнаа со она што најдобро го знаат – со криминал. И тоа со криминал од најмафијашки вид – со рекетирање и тргување со влијание и со правдата, притоа парализирајќи го целиот правосуден систем, а фокусот на правдата го насочија според свој вкус и интерес со единствена цел да нудат правда во замена за пари. Од специјалната институција наречена СЈО од која најмногу се очекуваше да ја спроведува правдата во државата, видовме дека токму таа – првата специјална обвинителка била дел од механизмот за спроведување на рекетот во државата во име на власта.

Ако веруваме дека Социјал-демократскиот Сојуз има политичка карма, тогаш на аферата „Рекет“ може да гледаме како на лоша карма на социјал-демократите, која сега резултира по причинско-последична линија заради збирот од нивните лоши нечесни дела и афери од политичкиот живот во минатото. Аферата „Рекет“ е најголемиот политички скандал во државата, а ако истиот се појавеше во друга понормална држава, тоа веднаш би резултирало со оставка на владата и предвремени избори. Но, само кај нас е можно да оваа власт не презема никаква одговорност за овој скандал од невидени размери и притоа го одлага спроведувањето на правдата. Деновите на оваа власт се одброени, бидејќи оваа афера се шири како рак и со брзо темпо ја јаде од внатре целата политичка гарнитура од власта.

Меѓународната заедница со неверување гледа на оваа афера, ги следи случувањата и повикува на истрага. Екипата на Премиерот очекуваше дека меѓународната заедница повторно ќе застане во одбрана на власта како во периодот на промена на државното име. Но западните лидери не се слепи на криминалите на оваа власт. Пред се, владеењето на правото е една од основните вредности во западните системи кон кои се стремиме да се интегрираме, а западните лидери нема да ја поддржат оваа власт во нивните криминални игри. И така, оваа власт преку медиумски „бомби“ дојде на власт, а во минатото ја следеа скандали, афери и корупција, па доколку веруваме дека постои карма во политиката, тогаш оваа власт е жртва токму на својата политичка карма.