Што е ова? Што се случува? Одеднаш Красимир Каракачанов добива силна конкуренција во тоа кој му го украл неговото ВМРО. Излегува дека на неговиот список нема да биде само името на Никола Груевски. А, прво нему му се пушти. Го превари Петар Богојески. Веднаш му скокна. За ВМРО. Му порача, парафразирано, дека додека не признае дека ВМРО е основа на државотворноста на Македонија не може да стане збор за добрососедски македонско-бугарски односи. Искрено, сметам дека до некаде е во право.
Сега, пак, со ништо не предизвикан во мешаницата се внесува и екс-премиерот и актуелен лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев. Во рок од само два дена се наврати на историјата. А, подобро да не го стореше тоа.
Прво се обрука со името на Гоце Делчев. Скина зелена. Според него, великанот на македонската револуционерна борба да ти се борел против слободата на Македонија. Таман за членовите на бугарскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците. И како да не му беше доста.
Не! Не може да стигне веќе да се правда за секојдневните глупости. Ни неговите пи-ар стратези не можат да постигнат и да го следат. А, како ќе го следат кога е*е све живо и диво. Од име на држава, преку народ и мајки на „шарените револуционери“, па до државата во целина. Ааа, да имало и „шарени“, кои не се чувствувале из*бени од него. Они си знаат што и како се чувствуваат. Можеби не осетиле. Или многу, многу не прават разлика.
Кога вчера на предизборен митинг во Гевгелија ете ти го пак Заев во сферата на историјата. Вели и он бил ВМРО. ВМРО, јас сум ВМРО, сега можат да станат од гроб Леонид Јанков и Сава Михајлов, револуционерите гевгелиски и македонски, повторно ќе се втурнат во гр(о)бот!
Кој знае, можеби и навистина се чувствува ВМРО! А, од кога тоа? Чудно! Навистина чудно!
А, кога веќе го спомена Леонид Јанков, искрено, помислив дека ќе му текне да и запали свеќа на Спаска Митрова. Бог да ја прости, починала. Ќе ја погребале во непосредна близина на револуционерот. Чисто во знак на сеќавање на една од последните човечки жртви на македонско-бугарските современи глупости.
Додуша, има неколку политички имиња, кои без гласачкото тело не на ВМРО, туку на ВМРО-ДПМНЕ никогаш немаше да станат тоа што станаа. Истераа по еден мандат и толку. Ги снема од политичката сцена. А, за волја на вистината, има и левичари кои станаа составен дел од партијата. Од кои причини и зошто, исто они си знаат. Верувам и партијата. Иако не знам колку и дали воопшто „држи“ споредбата.
Во Дигиталниот речник на македонскиот јазик може да се сретне зборот лејка. Тоа е именка од женски род. Според авторите, има три значења. Првото, означува едногодишно растение од семејството тикви со плод во форма на круша и се употребува главно во ботаниката. Второто, означува сад за црпење вода направен од таков плод и има слично значење со црпка. И третото, значи „глава на човек, празна глава“. А, како примери за користење се дадени „Многу му фаќа лејката“ и „Не му фаќа лејката“.
И да нема недоразбирања или некакви сомнежи за обиди за било какви навреди, особено не на угледниот, достоинствен и чесен екс-премиер, именката од женски род-лејка-конкретно ја користам со значење на „глава на човек“, а не како „празна глава“. Од тоа со примерите, пак, го одбирам „Многу му фаќа лејката“.
Да, да, на Заев „многу му фаќа лејката“. Му фаќа и тоа како му фаќа. Зашто, не е ни прв ни последен од СДСМ, кој вели дека и он е ВМРО. Тоа го кажале и многумина пред него, уште многу одамна. Има траги дури од времето на едноумието. Башка во плурализмот. Ни малку не е случајна фразата „Сите сме ВМРО“.
Само што тука проблемот е во тоа што таа никогаш не се користила искрено, со чесни намери, особено од наследниците и приврзаниците на комунистите/социјалистите, а сега социјалдемократите. Кога тие ќе кажат „Сите сме ВМРО“ или „и јас сум ВМРО“ секогаш постоела и постои задна намера. Во зависност од дадениот историски момент, околностите и дневно-политичките потреби. И кога тоа ќе го (зло)употребат, очекувајте веднаш, ама буквално веднаш да почнат нова политичка плоча во која ќе доминира „македонски национализам“, „шовинизам“, „албано“ и низа други фобии и анти ова, анти она, ама не на нивна, туку на адреса на нивните политички опоненти, пред се, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, од муртинска лејка инстант вмро-вец не бидува. Прашање на ден е кога ќе ја смени плочата.
Comments are closed for this post.