Темата помирување исплива на површината при барањето 2/3 мнозинство за уставни измени, афери и апсења, по иницијатива на власта и во паралелен процес на третирање на домашните системски и надворешно-политичките прашања. И, поради површноста и бирократичноста во третманот, наместо општествена и граѓанска, помирувањето стана тема на партиско-нво-медиумска романтика и празно ламентирање.
Токму затоа, а на општо изненадување, помирувањето не дојде таму каде што административно беше дизајнирано за мачкање очи на домашната и меѓународната јавност, во Собранието, туку практично започна во – Советот на Дебар. И не меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку – меѓу новото мнозинство во општината, при изборот на в.д. градоначалник од редовите на досегашната опозиција – ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алијансата на Албанците. Без помпезности, со само неколку наслови во медиумите, како штура вест што провладините спинери не смееја да ја окарактеризираат ниту како „атомска“, ниту како „термонуклеарна“, дури ниту како обична „бомба“. А така одекн(ув)а.
Затоа вест на неделата и најава за иднината е практичното помирување за три опозициски субјекти кои на 27 априлските настани беа во сосем спротивна позиција од денешната: груевистичкото ВМРО-ДПМНЕ со упадот на „уставобранителите“ кои сега на суд свират рапсодија до егзалтација на социјалдемократите; Беса, чии песнопојни пратеници служеа како (не)свесен декор во креирањето на тензијата и АА, која безмалку остана без својот лидер Села под тупаниците на партиски-службењачко оркестрираните црни качулки.
И така, една политичка акција на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на Мицковски, кое со месеци активно се чисти од рецидивите на груевизмот, со очигледното помирување во име на заедничка цел од страна на Села и конечно разбирање на процесот од страна на Беса на Касами – ја декласираше административната операција „помирување“ со закон (и по некој тендер), скроена од власта и октроираната опозиција од 8 пратеници. Доволно за амнестирањето за 27 априлските настани да биде презрено од јавноста.
Во вакви околности, изјавата за „немирот“ на Ахмети и жестоката критика на неговиот став од про-сдсм нво-аналитичарите покажа колку тешки паралелни процеси се пред нас и каква е климата во владината коалиција. Прво, иако неговата изјава се однесува пред се на предизвиците во следните пар месеци, острината на реакцијата кон ДУИ, како таа да не е коалициски партнер во Владата, укажува на разногласие. Второ, Ахмети за „Слободна Европа“ само проширено го повтори она што му го изложил на Жбогар на нивната средба неколку дена порано, за што (внимателните ќе се сетат) ДУИ информираше со соопштение. И трето, затоа што позициите на Ахмети се предупредување по компликациите што ги направија изјавите на Димитров за „комплексите на нацијата“ и на Заев за „осуда на пола Јужно крило на НАТО“ по бегството на Груевски од Македонија, без да си прове(т)ри системите во сопствениот двор. Компликации извесни и низ изјавите на бугарските и грчките високи претставници, во турбулентната, (предизборно) немоќна ЕУ.
Сето ова можеби е непријатно да се чуе, но се случува. Познато е дека „вистината кажана во погрешно време е пострашна и од лагата“, но Македонија денес нема простор за калкуланти.
Особено затоа што при „револуционерна“ Франција на жолтите елеци, на пост-меркелова Германија посветена самата на себе, Пиринеи и Апенини кои сеуште закрепнуваат од економско-бегалското стампедо, традиционално дистантна Скандинавија, еднакво незаинтересиран Бенелукс и Вишеградска Европа со дигнат гард, Македонија и регионот немаат простор да се потпираат на бриселската бирократија која веќе е одбивна и за обичните луѓе и за нејзините владино-нво-медиа полупроизводи во земјите во регионот.
Навидум темата административно помирување на партиските елити за продолжување на стерилни политики како да ја губи и поддршката од Кале. Ако е така, добро е, затоа што помирувањето само за обезбедување уставни измени и ситни законски козметики ќе биде извор на нови, длабоки поделби и нефункционалност во низа во третата деценија плурализам и таа мантра повеќе е бриселска одошто вашингтонска. Притоа, големо е очекувањето на поддршка на САД за помирувањето во Македонија на суштинска основа – на основа на социјална кохезија, како превенција на претворањето и на Балканот во лакмус-простор за источна пенетрација. Веројатно затоа и Македонците и Албанците во соработката со САД гледаат од позиција на стабилност, доверливост и принципи засновани на сојузништво, за разлика од растегливоста на евро-стандардите зачинети со бриселска надменост.
Во вакви околности, јасно е дека вистинско помирување во Македонија нема да настане со административна одлука, како што сака владејачкото мнозинство, ниту со целосно отфрлање на Преспанскиот договор, на што опозицијата за малку ќе беше навлечена, туку со соочување/помирување со неколку непријатни вистини.
За почеток, потребно е да се помириме со фактот дека ниту Преспанскиот е „најдобриот можен договор“, како оправдание на неспособната македонска дипломатија да обезбеди гаранции за неговото почитување, ниту пак е можен груевистичкиот пристап на договор за впечаток дека единствени „добитници“ се Македонија и Македонците. Второто помирување е во соочувањето (научно, општествено и политичко) со фактите, како основа за искоренување на трите екстремни интерпретации на македонизмот: во Македонија – како процес на внатрешна поделба на „патриоти“ и „предавници“ за омраза кон сите, во Бугарија – како „процес на крадење (роматична) историја“ и во Грција, како „процес на крадење (хелено)етничка идентификација“. А откако македонизмот во Македонија ќе биде насочен кон просперитетот на македонскиот народ, наместо како негација на сите други – тој станува елемент на градење модерна нација што не е етнички и религиозно исклучива и ќе води кон третото помирување – со стремежот за етно-прогрес на секоја од етничките заедници во Македонија и за соработка со соседите.
Во овој правец класичните политичари/партии од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век, без сопствена трансформација – ќе станат излишни. Добра вест е што во багажниците од автомобилите сите носиме задолжителна опрема – жолти елеци.
Comments are closed for this post.