Во неделата, во последниот ден од септември кај нас се одржа третиот референдум од осамостојувањето на Република Македонија. А само пред две седмици Швајцарците гласаа на три референдуми во еден ден. Ние требаше да одлучиме за името на државата. Швајцарците одлучуваа за квалитетот на својата храна, за земјоделството, како и за правниот статус на велосипедските патеки. Кај нас согласно постоечката легислатива за спроведување на референдум и конечните резултати од гласањето на референдумот во неделата на 30 септември одлуката не е усвоена. Референдумот е неуспешен. Не успеа. Пропадна. Во Швајцарија пропаднаа два референдуми, ама еден им успеа. Тој за велосипедските патеки правно да се изедначат со пешачките и планинските патеки.
Си мислам, во нашата кратка парламентарна историја, во овие 27 години независност сме имале три референдуми, а Швајцарците имаа три во само еден ден. Во нивната парламентарна историја пет пати постара од нашата имале повеќе од петстотини одржани референдуми. Можете само да замислите за што ли не гласале Швајцарците? Па тие одлучувале за регулација на цените на книгите да бидат достапни за сите, имале референдум за неколку недели од годината да не возат автомобили, Швајцарија да стане земја без војска, имале предлог за шест неделен одмор за сите, забрана на воени вежби во туристички атракции поради врева, и за што ли уште не. Од многуте одржани референдуми, секако дел од иницијативите се прифатени, а некои предлози не се поддржани.
Ние со референдумот во 1991 година ја прифативме и потврдивме нашата независност, во 2004 година се направи новата територијална организација на локалната самоуправа, а сега во 2018-та не се согласивме на промена на уставното име Република Македонија. И ние скоро исто како Швајцарците. Тие спроведоа три рефрендуми во еден ден. Ние три во 27 години. Кај нив за еден ден имаа еден успешен референдум, а кај нас еден успешен за 27 години. Од оваа проста споредба сигурно ќе си помислите, па како да станеме како Швајцарците. Дали треба почесто да имаме референдуми за сите општествени дилеми и баналности? Дали треба за сите маки што не тревожат и мачат да организираме референдуми како Швајцарците? Тие – Швајцарците сигурно имаат многу дилеми, па ете затоа одлучувале на референдуми за важните прашања за нив, од типот на статусот на велосипедските патеки, или на пример за цените на книгите. А ние, ете сме одлучувале за независноста на државата, за територијалната организација, а последно и за името на државата.
По овој повод народниот мудрец кај нас ќе рече дека „секоја планина си има своја тежина“. Швајцарците си имаат свои маки, а ние наши. Но некако ми се чини дека нашите маки ептен ни тежат па штом не можеме да ги решиме за еден ден како Швајцарците. Ми се чини дека нашата планина е некако потешка од швајцарските Алпи. Но кој може тоа да измери?!
Е, па може! Ете може! Кај нас народот може да измери. И тој тоа го направи. Она што власта кај нас сакаше да го направи во еден ден, народот одлучи дека не може. Референдумот е неуспешен. Името на државата е и останува Република Македонија.
Comments are closed for this post.