Народот е секогаш во право, дури и кога греши. На времето со оваа добро позната реченица Црвенковски со доза цинизам ја честиташе победата на моменталната опозициона партија на парламентарните избори во 2011 година. Тоа беше време кога народот прати силна порака до социјал-демократите. На локалните избори во 2017, картата на резултатите покажа дека оваа власт тогаш ја доби довербата од народот, а ВМРО-ДПМНЕ беше казнета. После првиот круг од овие претседателски избори, политичките партии и од власта и од опозицијата беа како „попарени со жешка вода“ заради слабиот одзив и големиот број на неважечки ливчиња. Тоа беше силна порака до политичките партии дека народот никогаш не греши, и дека тој е секогаш во право. Па ете слушнавме порака од премиерот дека „ќе заигра метлата“ после избори со владина реконструкција. Но, како да се очекува од оваа власт да го исчисти „ѓубрето“ во своите редови, кога корумпираноста е во самиот врв, или како што се вели меѓу народот: „рибата мириса од главата“. А денес е последниот ден од изборната кампања за вториот круг од претседателските избори по долгата празнична пауза. Така со празниците скоро и да заборавивме дека се одвива кампања и дека овој викенд има избори. Битката на овие избори е подеднакво важна и за власта и за опозицијата, а најголемата битка е да се достигне до магичната бројка од над 40% излезност. И власта и опозицијата после искуството од првиот круг на овие претседателски избори, почнаа гласно да викаат и повикуваат да се излезе на гласање.
После неформалниот самит за Западен Балкан кој се одржа во Берлин, власта беше пофалена дека го решила деценискиот спор за името со јужниот сосед. Но, од овој неформален самит инициран од францускиот претседател и германската кацеларка сфативме дека нашата држава нема да добие датум за преговори во јуни како што најавува власта. На ред со пофалбите за Преспанскиот договор како регионален пример за решавање на билатералениот спор имаше и пораки дека се потребни реформи и дека треба да се работи на тие реформи. Од Стратегијата за Западен Балкан што француската амбасада во Скопје ја објави јасно се гледа дека треба да се направат бројни политички, безбедносни, економски и социјални реформи за стабилизација на регионот пред идно проширување на ЕУ. А досега оваа власт успеа само едно да сработи – спорот и промената на државното име, и ништо друго. И криејќи се само зад тој „успех“ – што е еднакво на национална катастрофа, за изминатите две години од мандатот не успеа ама апсолутно ништо да направи на економски план за државата.
Со решавањето на деценискиот спор за името се симна можеби најголемиот товар за идните генерации македонски политичари, а од кои во иднина народот очекува да работат и креираат реално остварливи политики, а не само празни ветувања како досега од неспособните и корумпирани политичари што се кријат под превезот „одиме напред“. Само да се потсетиме дека и самата унија, иако создадена за зачувување на мирот на европскиот континент, сепак почива на економски интереси, а Западен Балкан претставува ефтин пазар за ЕУ. Но и нашата држава има интерес од ЕУ заради економски бенефити. И за да се биде дел од ЕУ потребни се политичари кои ќе се посветат со работа за да се интегрираме во ЕУ. Па ете останува да видиме во недела што народот ќе реши.
Comments are closed for this post.