Читаме, слушаме деновиве дека американскиот претседател Трамп сака да го купи Гренланд. А тој уште одамна покажувал интерес да го купи најголемиот остров на светот, ама ете сега човекот ептен запнал да го купи, ама од данската влада му порачаа дека островот не им е за продавање. Американците всушност ги бива за тој бизнис со „некретнини“, па во минатото од Русите си ја купиле Алјаска. Изгледа Американците сакаат да купуваат поларни земји на север, па ете еден предлог да му се јавиме на Трамп, да му предложиме да нѐ купи, нели сега сме Северна, сигурно ќе покаже интерес, и со него сигурно ќе биде подобро?!
Туку ај да видиме што се случува внатре во Северна. Охооо, рекетариии, апсење специјалкиии, дигање мебелиии, парталиии. Ајде да расчистиме со нередов пред да му кажеме на Трамп за идејата. Добро е, еве почнаа со чистење, а одамна ја најавуваа метлата. Ете и Специјалката веќе ја нема. А се сеќавате ли само како славно почна, онака наконтена, натртена, со лажна самобендисаност, а всушност неука, плитка, тркалезна марионетка. Почна како Специјалка, заврши како рекетар. Чуден развој на правна кариера. Всушност тенка е таа линијата помеѓу Правдата и Неправдата, чунки од приказните знаеме дека и двете биле сестри. Еее, така неславно заврши бајката за Специјалката. Ја пуштија низ вода, и заврши онаму каде што заврши. Онаму каде што испрати неколкумина. Тоа е. Животиште.
А што правиме со овие што ја поставија Специјалката на позиција? Со овие што импровизираат дека водат држава. За да дојдат на власт, почнаа со револуција, но и за тоа не ги биваше, па и за тоа им требаше странска помош. Па почнаа нешто како реформи, но и со тоа се заплеткаа. И нормално, најуспешно си тераат криминал. Ете рекет си терале. И да не се лажеме дека во „кујната“, таму во владата, највлијателното политичко тело во државата дека не знаеле за специјалката дека учествувала во рекет игрите. Повеќе од јасно е дека владини рекет стратези го организирале рекет системот за калапење и кубичење на милионски еврулиња. Но, ете сега дуќанчето за рекет бизнисот им отиде во стечај. Вработените моментално се на летен одмор. Во Шутка.
Ех, какво жешко политичко лето имавме! Жешко, скандалозно, интересно! Сега политичариве онака одморени, со летен тен, полека од лежалките на плажа се враќаат во фотелјите во влада. А ние шу прајме? Си гледаме рекет скандал серии по медиуми и социјални мрежи, а правниот систем и правната држава ‘рѓосале. Ерозија од секаде. Па нели у октомври треба да се јават од ЕУ за датумот? Вистината е дека нема да се јават. Штетата е огромна за сите нас. Штетата е уште поголема, бидејќи тие „предприемачите“ на бизниси од типот на рекетот се уште таму каде што се, на државното кормило и го возат бродот на кој сите сме натоварени. И тонеме. И тонеме, ама онака квалитетно, бедно економски и општествено. И така веќе одамна сме ја фатиле удолницата, туку, ако Данците не сакаат, ајде барем ние да му се јавиме на Трамп и да му кажеме: Mister Trump, we are on sale!
Comments are closed for this post.