Во својата книга „Анатомија на моќта“, познатиот економист Џон Кенет Галбрајт пишува за употребата на моќта или власта, главно опишувајќи ги главните извори на моќ и власт во современиот свет – владите, војската, религијата и медиумите. Тој посебно ги истакнува информациите како еден од изворите на моќ. Од друга страна, денес во ова дигитално време феноменот на дезинформации и лажни вести се повеќе е актуелен и е еден од предизвиците со кои се справува светот денес. Информациите како извор на моќ се вистинско оружје за владеење, па така оној што ги има во свои раце изворите на информации и медиумите има моќно оружје за да владее.

Владата со објавувањето на Акцискиот предлог – план против ширење дезинформации и она што Премиерот лично го презентираше се обидува да воспостави контрола на информациите. Документот во два дела, од кои првиот за безбедносните мерки се однесува на безбедносните протоколи за комуникација на државните институции и службеници, изгледа легитимно и издржано после гафот на Премиерот со руските комичари. Што би се рекло, човекот еднаш се попарил од млеко, па потоа ќе дува и на матеница.

Вториот дел за проактивните мерки од владиниот предлог – план против ширење дезинформации, по се изгледа како власта да е на пат да формира Министерство на вистината, како она од познатиот романот „1984“ на Џорџ Орвел. Орвеоловото Министерство на вистината е всушност министерство на пропагандата што е одговорно за фалсификување на историските настани и извитоперување на вистината. Така, Заевото Министерство на вистината ќе биде одговорно да кажува што е вистината кај нас, т.е. што е вистината според власта, а водено ќе биде одговорно да кажува кога има напади на демократијата. Како власта ќе не убедува што е вистината, кога самата таа е произведувач на невистини.

Секоја власт досега имала амбиции и планови да воспостави контрола на медиумскиот простор. Може да кажеме дека во времето на претходната власт таа контрола беше скоро до совршенство. Но, сега и оваа власт не се разликува во своите амбиции, и притоа гледаме како се прават притисоци врз медиумите. Кај нас медиумскиот простор главно гравитира околу власта и опозицијата во служба на едната или другата, па така политичките партии располагаат со моќно оружје за влијание врз електоратот. Секоја чест на медиумите што објективно ги пренесуваат информациите, но тие се многу ретки или скоро и да ги нема. Така, таа поделеност во медиумскиот простор на власт и опозиција и тоа како придонесува за дополнителна поделеност во општеството. А во целата таа медиумска каша од информации се активни и странските разузнавачки служби што преку свои медиуми дополнително го контаминираат медиумскиот простор. И на крај е дискутабилно прашање на кој медум може да му се верува.

И после сите лажни вистини што оваа власт ги сервираше на јавноста досега како за промената на државното име, идентитетот, договорите со соседите, подобрувањето на економијата, датумот за отпочнување преговори со ЕУ, се тоа се крупни лаги на кои никој веќе не верува на оваа власт. Владиниот предлог – план против ширење дезинформации е само чекор кон воспоставување контрола на медиумскиот простор, а понатаму повод за линч на медиумите што според власта ќе ја напаѓаат демократијата. Така нема да биде изненадување за сите, ако власта од предложената акциска група во планот против дезинформации формира и свое Министерство на вистината по урнек на Орвеловото.