„Ослободете се од менталното ропство, никој освен самите ние не можеме да си го ослободиме умот“. Вака започнува еден од стиховите на познатата песна Redemption Song на популарниот Боб Марли. Оваа песна се смета за едно од најголемите дела на Марли и ја напишал малку време пред својата смрт. Воедно таа е една од највлијателните политички песни, носејќи силна порака за слободата. А во име на слободата и за слободата, ние денес ги славиме двата Илиндени – 116 години од Илинденското востание и Крушевската република и 75 години од првото заседание на АСНОМ. Овие два датуми ја сибмолизираат борбата за слобода на нашиот народ за сопствена слободна држава што еве ја градиме скоро три десетлетија.
Деведесетите години беа транзициски период кога нашево чудесно државиче започна да ги оди бебешките стапки кон градење демократско општество и пазарна економија, а во фокусот на надворешната политика кон идно интегрирање во Европската Унија и НАТО. На домашната политичка сцена беа создадени услови да се формираат политички партии, а со текот на времето се создадоа два етно-политички блока со по две најдоминантни политички партии. Исто така деведесетите беа кризни економски години, време што создаде стечајни работници, затворени големи производствени погони, а на сметка на тоа – нови транзициски милионери. Деведесетите се време кога националните страсти се вклучени на најјако и кога се создава тивка етничка тензија што малку по малку растеше од ден на ден, од година на година. А соседите уште тогаш секој со своите зли намери кон името, идентитетот, црквата, јазикот, токму како што покажала и докажала историјата. Ете краток преглед на првото десетилетие во слободна држава.
На почетокот на новиот милениум од сета наталожена етно-политичка тензија на крај „пукна тиквата“, а тоа заврши со ресет на државата и поставување на нови законски рамки и проширување на политичките права на националните малцинства. Па од тогаш се појавуваат разни олеснувачи, договарачи, преговарачи од меѓународниот фактор, кои започнаа да бидат составен дел од секоја една помала или поголема политичка криза во политичкиот живот во земјава.
Од рамковните промени па наваму лидерските средби на четворица главатари, претставувајќи ги најдоминантните политички партии на двата етно-политички блока ги креираат политиките на нашето секојдневие. Па така нашето политичко живеење и егзистирање тука во чудеснава ни држава ја вративме на племенско уредување, кадешто племенските главатари – политичките лидери се собираат на лидерски средби, а штом зачкрипи нивниот муабетот и се појави проблем веднаш се појавуваат и долетуваат тие олеснувачите, помагачите, разузнавачите.
И ете со соседите потпишавме договори за односите, историјата, името, но тие пак критикуваат, оспоруваат, негираат. Историјата покажала и докажала дека соседите не ни мислат арно. Значи слободни, но сепак опколени со непријатели. Исто така, историјата покажала и докажала дека си патиме и од своите предавници. Значи слободни, но и дома со непријатели. Дали најпосле ќе успееме да се ослободиме од нанесување штета врз самите себе и ќе избереме лидери што ќе успеат од оваа мала држава да направат силна држава и ја сместат во глобалниот контекст со цел да опстои и економски да се развие? Времињата се сменети, но менталитетот не. Песната на Марли и пораката што ја пренесува е многу актуелна за сите нас. Слободни, но сепак ментално заробени. Дали и колку сме спремни да се ослободиме од тоа наше сопствено ментално ропство? И никој не може да не ослободи од тоа ментално ропство, освен самите ние. Нека е честит 2 август – Денот на Републиката.
Comments are closed for this post.