Утрото на 26 септември 1960 година, младиот Џон Ф. Кенеди е релативно непознат сенатор на Масачусетс во САД. Тој се соочува на ТВ дуел со својот против-кандидат потпретседателот Ричард Никсон. До крајот на вечерта, младиот сенатор е веќе ѕвезда. Денес е општо познато дека без првата ТВ дебата во САД, скоро пред 60 години, Кенеди никогаш не би бил претседател. Но, освен што Кенеди ја обезбеди својата претседателска кариера, 60-минутниот ТВ дуел меѓу убавиот ирско-американски сенатор и потпретседателот Ричард Никсон фундаментално ги измени политичките кампањи, ТВ медиуми и политичката историја на САД. Или, според зборовите на еден американски професор, тоа е една од оние необични точки во временската линија на историјата каде што можете да кажете дека работите се промениле многу драматично, а во овој случај, во само една ноќ.

Вториот ТВ дуел што се случи помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата ни од далеку не може да се спореди со погоре споменатиот историски ТВ дуел Кенеди – Никсон. А пак, ни во најмала мера дека треба да очекуваме некое фундаментално поместување на политичките текови кај нас како резултат на ова ТВ соочување на двајцата лидери. Доброто е што ТВ дебатите помеѓу власта и опозицијата се враќаат на ТВ екраните и тоа оди во прилог на подобрување на политичката култура во државата. Друга работа е што соговорниците се движеа на веќе позната територија и теми. Можеби, најскокотливата тема и повторно камен на сопнување е темата за специјалното јавно обвинителство.

Донесувањето на законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство повторно е главна политичка кочница во државава. Од последните средби се уште има клучни разлики помеѓу власта и опозицијата околу статусот на СЈО. А пораките од претставниците на ЕУ се дека решавањето на статусот на СЈО е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ. Најверојатно седница за законот за јавното обвинителство нема да има до завршувањето на вториот круг на претседателските избори. А од последните настани со определувањето на мерка куќен притвор за поранешниот шеф на тајната полиција, власта оди чекор по чекор да осигури двотретинско мнозинство за законот со кој се решава статусот на Специјалното јавно обвинителство. Власта ги користи истите трикови, исто како минатиот пат за обезбедување на двотретинско мнозинство за уставните измени за промената на државното име. Истиот трик, во друго пакување.

Претстојниов викенд почнува летното сметање на времето со поместување на стрелките на часовникот за еден час нанапред. А од понеделник започнува и предизборната кампања за шестите претседателски избори за избор на петтиот претседател на државата. Последниот ТВ дуел помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата не направи фундаментални промени во внатрешната политика како оној историски познатиот ТВ дуел помеѓу Кенеди и Никсон. Но, претстојната кампања и исходот од претседателските избори може и тоа како да направат драматични промени на внатрешната политичка сцена во иднина. А власта и опозицијата ќе треба многу повеќе да се потрудат и да понудат реални работи со цел да одиме напред во демократски и економски аспект. Во спротивно, со исти трикови слични како промената на стрелките на часовникот напред – назад, така само ќе се залажуваме и ќе стоиме во место, без реално придвижување напред.