Кога е формирана и од кога постои Република Северна Македонија?
Точен одговор на ова прашање во моментот веројатно никој не може да даде. Зашто, како тргнале работите никој друг, туку институциите на системот вршат (само)убиство на историјата, континуитетот на државноста и на самата држава, како и на Македонците, без разлика дали станува збор за граѓани или етност. Што, пак, е сосема спротивно од тврдењата дека со договорите за добрососедство со Бугарија и Грција нивниот идентитет е зацементиран.
Пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, на собраниската седница посветена на пратеничките прашања го запраша министерот за образование и наука врз основа на што и кој билатерален договор или законско решение, воопшто, во сведителствата на учениците од основното и средното образование како место на раѓање стои Република Северна Македонија?
Министерот Арбр Адеми призна дека до директорите е испратено упатство според кое, во графата треба да стои Република Северна Македонија.
„Ова го направивме врз основа на произлезените дилеми. Јас верувам дека во оваа сала има лица, кои се родени во Социјалистичка Република Македонија и во личните документи во тоа време е запишано СРМ. Во оваа сала има лица, кои се родени во Титов Велес и во тоа време сите биле впишани дека биле родени во Титов Велес и во нивните лични документи стоело тоа име. А, денеска, сите лица кои се родени во тој град стои новото име на тој град. Имајќи предвид дека треба да имаме позитивна и правна почит, уставна, и сите дилеми да бидат разрешени, ние гледавме да ги разрешиме согласно уставните одредби кои се во сила“, одговори тој.
Ласоска го повика додека има време да ги повлече сведителствата, оти личните податоци не можат слободно да се толкуваат, зашто тие произлегуваат од матичната книга на родените, чии податоци можат да се менуваат само согласно закон.
Покрај сведителствата, и дипломите за завршени редовни и постдипломски студии се издаваат со место на раѓање Република Северна Македонија. Значи, во држава која формално-правно и според упатството на Министерството за надворешни работи за правилно користење на одредбите на Договорот од Преспа треба да постои од 12 февруари 2019 година.
Од механичкото и по автматизам менување на документите излегува дека наместо во нив да се менува само државјанството, се менува и местото на раѓање. Не името на градот, туку името на државата во кој се наоѓа тој. И илузорно е да се поистоветува име на град со име на држава и со државјанство.
Конкретно, практицирањето на Договорот излегува од сите рамки. Зашто, со издавањето само на овие документи, а прашање е уште колку такви има во реалноста, се врши чист фалсификат на историјата. Со тоа, практично, се негира постоењето на Федерална Република Македонија, Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија, како федерална единка во некогашната југословенска федерација, и на Република Македонија како самостојна и независна држава по референдумот од 1991 година!!! Што е надвор од здравиот разум, зашто таа како таква постои со уставните промени од почетокот на оваа 2019 година.
Менувањето на документите по автоматизам и како чиста механика, по извесно време, ќе значи чиста негација на АСНОМ и тоа што остана од него, а за историските последици и да не се говори. На некои идни генерации ќе им биде апсолутно непознато дека некогаш постоела федерална република во бившата ЈУ-федерација и самостојна и независна Република Македонија. И нивното историско постоење не го негира и брише никој друг, туку самата држава нејзина наследничка!
Comments are closed for this post.