Познатиот српски политичар, премиер на Кралството Србија, во една пигода на тогашниот негов министер за надворешни работи и на пратениците им рекол-„Политиката се води со пари или со задник. Пари немаме. Делувајте“.
Не верувам дека оваа анегдота му е позната на угледниот, достоинствен и чесен екс-премиер Зоран Заев, а уште помалку таа да му биде некаква ѕвезда водилка во неговото практикување на политиката. Зашто, он политиката не ја води со пари, туку за пари. За неговите, семејните и фирмите на нему блиските пријатели и партиски војници. Оттука произлегува дека политиката, барем според поимањата за тоа на Пашиќ, ја води со задник.
А, како со задник да му е пишувана и последната порака на ФБ. Е, сега, дали тој самиот ја пишувал или некој од неговите советници не е познато. Во ЗАЕВјавлението на денот на раѓањето на Гоце Делчев читаме дека бившиот премиер да ти бил и нашиот „мал Ѓокица“. Зашто, ни покажа како размислува за историјата и за апостолот на македонската револуционерна борба.
И тука најмалку е важно да се биде циничен и да му се каже дека сега се обидува од „такво трње да вади“. Па, и тоа го прави неуспешно. Зашто, требаше да мисли, ако воопшто практикува таков ментален процес, пред да го потпише Договорот за добрососедство со Бугарија.
Прво што паѓа в очи во само неколкуте реда е фактот дека Заев не го именува Гоце Делчев како македонски револуционер. И некој може веднаш да забележи дека изоставањето на тоа претставува барање влакно во јајцето, зашто нашиот „мал Ѓокица“ се „исправа“ со епитетот, што го употребува за Делчев како најмаркантен херој на македонската државност. Ќе беше така ако ваквиот пристап не е директно на линија на бугарскиот (нео)врховизам и со ставовите на оделни членови на бугарскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците. Што би рекол бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов-„Кој чита – разбира“. За жал, Заев ни чита, ни разбира.
Ангел Димитров, прв човек на бугарскиот дел од заедничката комисија, на пример, во неколку наврати при свои настапи на тамошните меиуми отворено говори две работи. Едната дека нема доволно пишувани документи за да можат денешните историчари точно да знаат, што автономистите подразбирале под автономија за Македонија. Оттука и втората, токму во овој контекст и токму заради тоа, денешните историчари не можат да знаат дали под автономија автоматски може да се подразбере борба за самостојна македонска држава или, пак, за автономија, која би се припоила кон Бугарија.
И сега што прави нашиот „мал Ѓокица“ со својот ФБ статус токму на денот на раѓањето на Делчев? Вели Делчев, а со него и останатите револуционери од тој период, се борел за македонска државност ама без определена национална припадност!? Браво! Јуриш браќа Бугариии!!! Што има да расправаат комисии, што има да менуваме учебници, што има да се тревожиме, па сите се ваши, сите сме еден народ! Налет на последната желба на Гоце, налет на се! Па, слушајте го Каракачанов. Убаво вели човекот, прашањето е политичко, а не научно. Јас политички „фино, лепо“ ќе си се договорам со тој што треба! Другите кој ги шиша, нека корнат коси ако сакаат. Меѓу нив и тој гревот од редовите на битолските борци. Што знае дете што е чоколада.
По ова, Гоце сигурно се превртува во „Свети Спас“.
Ама затоа нашиот „мал Ѓокица“ добро знае што е чоколада. Како вистински (нео)болшевик во своето ЗАЕВјавление нема да испушти да го потенцира класното кај Делчев за социјална правда, длабоко вкоренето во нашата државотворна традиција.
Нејсе. Кој ли само му рекол на нашиот „мал Ѓокица“ максимата на Делчев дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите да ја искористи во денешен контекст! Посебно со членството во НАТО! Културен натпревар меѓу народите со најголемата и најмоќна војна алијанса во светот! Невидена и нечуена споредба и паралела. Бог да не чува и брани! Од нашиот „мал Ѓокица“ и од таквите како него. И од нивната македонска жица. Конечно, Гоце и револуционерите се бореле за денешна Република Северна Македонија или за Македонија во географските граници?!
Comments are closed for this post.