Името „Ганс ен Роузес“ сигурно ќе ги потсети читателите од повозрасните генерации на популарната американска рок група од доцните осумдесетти и деведесеттите години на минатиот век. И несомнено оваа група има оставено свој длабок печат во музичката индустрија и светската музичка сцена.
Но, во наши или по ново „северномакедонски“ услови во домашната политиката, името на „ганс ен роузес“ (или во превод од англиски: пиштоли и рози) потсетува на коалициската влада на социјал-демократите и интегративците од 2002 година. Всушност, преку таа владина коалиција бившите соборци во ослободителната народна армија ги заменија своите воени униформи со политичките одела, а за жал и на штета на сите што живееме во оваа чудесна земја, од тогаш и воопшто и не ги соблекоа.
Оваа година се навршија 19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на вооружениот етно-политички конфликт во 2001 година. И како што политичарите милуваат да кажуваат дека со тој договор се постави рамката за меѓуетничкиот соживот и иднината на државата. Вистината е дека се постави рамката, т.е. интегративците ја поставија со странска помош и од тогаш рамката во континуитет само се зголемува (читај: бенефициите на помалата етничка заедница постојано се зголемуваат на сметка на поголемата), а содржината во рамката се повеќе се намалува (читај: луѓето и од двете заедници си одат надвор од државата).
И во меѓувреме, се повеќе нѐ убедуваат дека тука соживотот цвета, животот дојде, дека сега сме во безбедни во НАТО и само маратонски чекаме датуми за преговори со ЕУ. А како за инает на судбината се трефна датумот кога е потпишан договорот за соживот во Охрид со врачувањето на мандатот за состав на старо-нова влада. Таткото на нацијата со налик на Кларк Кент го врачи мандатот на првиот социјал-демократ без пардон и против сите правила. Но таква е судбината и стилот на врачување на мандат тука. И така на пат е да се роди или возобнови еден политички брак во духот на минатото, но со нов лејбел „Ганс ен роузес трибјут“ по северномакедонски. Дааа, тоа ќе биде вистински Ганс ен роузес трибјут, само што ми се чини дека пиштоливе ептен некако ќе ги свенат розите. Или можеби обратното, пиштолите веќе фатиле ‘рѓа од неупотреба, или можеби попримиле вода од розите.
И така, интегративците се во политиката скоро две декади тие се дел од власта, бидејќи во опозиција не се навикнати да бидат (читај: таму не ги грее сонцето, или бизнис не се прави таму). Интегративците со нивната политичка итроштина ептен се исшлифуваа во последните 19 години, па во последен момент се досетија и беа иновативни со нивниот предлог за Албанец за премиер, а со тоа ги некако успеаа да ги фатат сите други во теснец. Е стварно знаат да пливаат во политичките води од оваа мала северномакедонска бара успешно борејќи се со крокодилите во барата. Не се даваат така лесно, долго се на тронот на власта, или навистина се исшлифуваа, или пак странскиот чадор се уште ги штити.
Е сега, тоа „трибјут“ во лејбелот на оваа старо-нова коалиција, еден дел се однесува кон старата коалиција на социјал-демократите и интегративците, а во политичка смисла е знак дека се повеќе од ден на ден стануваме т.н. tribute state или марионетска држава, вазална држава, банана држава во рацете на големите сили. Ако не верувате во тоа, сигурно ќе поверувате во честитката од амбасадата на Калето што го честиташе врачувањето на мандатот за состав на Ганс ен Роузес трибјут. Летс рок ен рол!
Comments are closed for this post.