Интеракцијата меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ и самата ЕУ може да се разбере како два тесно испреплетени процеси, чија насока е од долу нагоре – евроинтеграцијата, и од горе надолу – европеизацијата. Евроинтеграцијата како трансфер на власт од национално на наднационално европско ниво е институционален процес силно врзан со проширувањето на ЕУ. А евроинтеграцијата е придружена од европеизацијата која пак започнува многу долго пред пристапувањето на земјите кон ЕУ. Така може да кажеме дека политичките партии кај нас веќе одамна воспоставиле блиски врски со своите партиски организации во Европа и Европскиот парламент. Исто така, во последните неколку години кај нас доста се прошири спектарот на политички права на етничките малцинства, како и родовата еднаквост во државните институции каде се носат одлуки. На сето тоа може да се гледа како на ефекти на европеизацијата, а тоа се важни промени за идната европска интеграција на нашата држава.

Во нашиот политички контекст, Премиерот се обидува да ги освежи своите партиски структури, а со крајна цел реконструкција на владиниот кабинет, или избор на нова влада. Навидум популистички трик и скоро за неверување, бидејќи партиските другари – тие сменетите некако многу смирено го прифатија тоа. Но, сепак не верувам дека се крајно релаксирани, затоа што суетата сепак има влијание врз луѓето што биле на власт. И нивниот најголем проблем е што во текот на мандатот не ги направија очекуваните позитивни промени за граѓаните, освен што ги зголемија разочарувања со промената на државното име, договорите со соседите и зголемувањето на корупцијата. Гледаме дека Премиерот мете се пред себе, а неговите ветувања се без лимит само и само да остане на власт и да тера бизнис. Неговата нарав ја видовме во овие две – три години. Тој е бескрупулозен играч и е свесен дека датум за отпочнување на преговори со ЕУ нема да има во најскоро време. И најверојатно единствениот позитивен и воедно најголем аргумент за победа на следните парламентарни избори ќе му биде пристапувањето во НАТО што би требало да се случи кон крајот на годината.

Во долгоочекуваниот извештај на Европската комисија се дава препорака за почеток на преговорите на Македонија, но исто така има и критики за корупцијата што е распространета во многу области и тоа е сериозен проблем на ред со непотизмот. Опозицијата треба да ја искористи оваа ситуација и малку да излезе од вообичаената секојдневна реторика со цел промена на ПР стратегијата и да започне понуда на конкретни предлози и решенија за подобрување во областите што се предмет на критики од страна на Европската комисија. Исто така, сега е време да ги зацврстат врските со европските сестрински партии од десницата. Воедно мислам дека треба на некој начин опозицијата да покаже дека не се продолжение на минатите политики од времето на почесниот претседател и да ја снема таа перцепција.

И така повторно по којзнае кој пат има препорака за почеток на преговори за интегрирање во ЕУ, но нема датум за отпочнување на преговорите. Европејците, а особено големите играчи како Франција и Германија не се баш така добро расположени за проширување на ЕУ во овие времиња, бидејќи сега си имаат други гајлиња и минуваат низ политичка криза. Европеизацијата сме ја започнале поодамна, а за европската интеграција по се изглeда дека ќе треба малку да почекаме, или можеби малку повеќе.