Она што се случи во Украина со победата на младиот комичар во вториот круг од претседателските избори е резултат на разочарувањето на народот од политиката на потиштеност и корупција од претходната власт. Кај нас после првиот круг на претседателските избори го имаме досега најслабиот одзив на гласања за избор на претседател на државата. Тоа и големиот број на неважечки ливчиња се резултат од разочарувањето на народот од тековните политички случувања во државава. Слабиот одзив на електоратот е болест од која боледува и Европа. Незаинтересираноста на граѓаните за учество на избори е тренд што во последните години се повеќе се зголемува. Луѓето се уморни од изборните циклуси и постојаното разочарување од политиката, така што тоа резултира или со слаб одзив на електоратот кон понудените опции на политичкиот пазар, или остава простор за појава на феномени слични на тој во Украина.
Сега моменталната политичка ситуација пред вториот круг на претседателските избори е период кога политичките партии кај нас од своите кујни ќе вадат се посилни мирудии со цел да ја зачинат политичката кампања и ќе дадат поинтензивни вкусови. Тоа ќе биде со цел да го стимулираат „апетитот“ на гласачите. Гласачите пратија пораки до политичките партии дека не се задоволни од политичките текови. Оваа власт направи непопуларни политики како промената на државното име и штетни договори со соседите по цена на националните интереси. Се направија некои козметички финеси со промена на некои закони, но ништо суштествено за развојот на економијата, а напротив се форсираат клиентелизам, тендеризам, непотизам. Со еден збор, корупција до крај. Тоа се потврди милион пати досега, така што разочарувањето од политиките на оваа власт е големо. Владиниот кандидат за претседател налик на Кларк Кент како одгледан со единствена желба кога ќе порасне претседник да стане, веќе еднаш претходно во минатото се проба, па изгуби. Но, амбицијата не му спласнала, па ете сега пак супермен да се покаже. Тоа е едната опција.
Опозицијата со својот кандидат се покажа како конкурент што во целото моментално разочарување е единствената опција за државата што може да биде противтежа на моменталната власт. Бојкот на вториот круг на претседателските избори е штетна опција која во иднина нема да помогне на државата. Бојкотот ќе даде сосема спротивен ефект и ќе биде едиствено опција да претседателот на Собранието да стане Претседател на државата. Тоа веќе е лоша опција и ќе биде уште поголемо разочарување за сите нас.
А да, има уште една опција, да заминеме од државата. Тоа досега многу луѓе го направија. И како што трендот со неучество на гласање, така и трендот на напуштање на државата во иднина ќе продолжи. Но, со бегањето од избор и со нашето неучество, ние всушност оставаме простор на лошите опции. Ајде барем да се обидеме да ја направиме државата место каде способните кадри ќе бидат наградувани и почитувани, а не да ја напуштаат државава. Барем може да се обидеме да поработиме на тоа. Или во спротивно вака ќе се доведеме во ситуација во која и бумеранг да фрлиме надвор од државата истиот нема да се врати назад. Затоа, како што дојде „животот“ – така нека пројде!
Comments are closed for this post.