„Било какви преговори за „иднината на СЈО“ се депласирани, па најдоброто што може да се очекува е Специјалното да се врати во редовното Обвинителство… Брисел, Берлин, Париз… знаеле за „рекетот“ и јасно индицираа дека системската слабост и корупцијата на највисоко ниво го одлагаат датумот за почеток на преговорите, а се друго е дипло-политичка куртоазија. Датум за преговори? Тешко оваа година, со оваа и ваква Влада.“ Доколку на 18 јули ова го прочитавте во некој странски медиум, а не само како мои ставови објавени овде, ќе беа земени за сериозно предупредување што сега изгледа се обистинува.
„Крокодилските солзи“ на хан-могеринските апаратчици само покажуваат дека оваа политички балканизирана бриселска камарила веќе „мие раце“ од поттурнувањето на страна на З.Балкан и Македонија. Всушност, од сопствената поддршка на елити за кои членството во ЕУ не е потреба на нацијата, туку материјализација на владеењето. По фактичкото одложување на датумот за преговори (на неодредено) „лижењето на раните“ е само рефлекс на санација на партиските позиции и личните рејтинзи – премалку и предоцна. Сега е потребен антибиотски третман на општествените рани за спречување на „системска сепса“. За жал, наместо терапија за спасување на евро-интегративните процеси годинава, како што побарав во колумна овде уште на 2 мај, Заев и Јанева со „Рекет“ додадоа ново воспаление на македонската институционална и политичка сцена.
А доволно беше и само предупредувањето во раната пролет на Хојт Ји дека (парафразирано) „земјите од З.Балкан глумат реформи, а ЕУ глуми дека глумата им е успешна“. Надворешната политика на САД не е со кратко паметење, па Метју Палмер беше уште подиректен и месецов за Македонија потенцираше дека „…преговорите со ЕУ можат да започнат есенва, но …разрешувањето на истрагата за Јанева ќе биде клучна за да се осигура дека тоа ќе се случи“.
Всушност сите бевме потсетени дека функционализирањето на владеењето на правото (и) низ расчистувањето на „Рекет“ е неформален бенчмарк за датумот за преговори.
Затоа, сега не е време за жалење за пропуштеното, туку за подготовка за потребното. Додека СДСМ и Заев исфрлаат вода со кофи од владино-институционалниот „Титаник“ што несопирливо тоне, не (треба да) посакуваме, но потребно е да се подготвиме за
Нов „јуни“ и во октомври
Игранката со „мебелот на Катица“ веќе не минува. Боки 13, Кичеец, Јанева… очигледно не се креатори, туку дел од извршниот тим. Прашања од јавен интерес и потребен предмет на истрагата затоа се кои се правосудни, владини и владејачко-партиски функционери се вплетени во оваа клепто-институционална мрежа? Колку и чии пари се земани и од каде е нивното потекло? И кој се ќе понесе одговорност?
Без да се расчистат овие прашања, што ќе ја спречат натамошната и ќе санкционираат децениска институционализирана кражба и рекет на два милиони граѓани на Македонија во спрега со талозите на старо-новите елити и нивните подземни политики – нема одење напред.
Наивно е да се очекува дека патот кон интеграциите ќе се отвори без расчистување на судирот кој е и системски и општествен. Длабокиот судир помеѓу граѓаните кои сакаат живот со стандарди и политичарите што во такви околности нема да можат да си ги зачуваат шемите и привилегиите. Тоа е генерациски судир на општеството со клепто-политиката, правосудството, банкарството, провладините медиа-ботови и нво-и и со системските миленици поврзани во семејни лози во затворен круг.
Затоа, јасно е дека откривањето на деталите, шемата, учесниците и организаторите на „Рекет“ станува побитно од формалниот датум за почеток на преговорите со ЕУ. Затоа што овие два процеси всушност се поврзани. Или накратко, прашањето
„Кога нови сознанија за „Рекет“ е побитно од „Кога почеток на преговори со ЕУ“
Запрепастувачки е што по само три години груевизмот се сведе на затворање на институционалниот процес низ одлучувањето во една партија и од мнозинство создадено од таа партија, а заевизмот прерасна во рекетирање преку „јавно-приватно партнерство“ на институциите со партиско-државни функционери за трговија со влијание и збогатување низ злоупотреба на политичка и институционална моќ.
Затоа, „Каде се парите“ за Македонецот и македонските граѓани денес е побитно од тоа кога министерот за надворешни од Брисел поетски ќе воскликне на социјалните мрежи дека „ќе не биде“.
Она што денес е тешко за сите нас во опозиција и до и по 2016 е соочувањето со фактот што практично целокупната борба за промена всушност личи дека била само за тоа кој ќе биде на функција, а не на какви принципи и во каков систем тој/таа ќе носи одлуки. Затоа, секое обвинување за опозицијата или критичката јавност од 2016 до денес е депласирано. И еднакво е провидно како поддржувачите на СДСМ кои, ненаоѓајќи се на кадровската листа на Заев и Шеќеринска во овие три години – веќе се рекалибрираат во обид да не ги пропуштат и следните три-четири години.
„Миењето раце“ од Јанева и СЈО, како основа на цела една реторика на одржување на власт и пресметка со неистомислениците веќе не е доволно. Ваквата пропадната „морална вертикала“ што (орбитерите на) власта сакаат да ја наметнат е кутната на грб. Во хоризонтална, рамка линија, што во секое (па и политичкото) ЕКГ значи само едно – крај. А со секој крај доаѓа можноста за нов почеток – на нешто подобро.
Comments are closed for this post.