И нормално е, ако на некого му кажеш дека го поддржуваш 100 процентно, без резерви, дека не ни размислуваш за друга опција, тој ќе те смета за добиен, сигурен глас, и своите напори ќе го насочи кон луѓето кои не му се сигурни, да се обиде да ги придобие и нив.
Во нивниот однос кон САД, во Македонија има две политички опции кои се буквално тврдокорни, сигурни, 100 процентни поддржувачи на се што ќе им кажат од Калето/Вашингтон. Тоа се СДСМ и албанските политички партии (пред се ДУИ). Добро, поддржувачи е веројатно пресилен збор, тој значи дека субјектот има некаква автономија на одлучување, па самостојно решил да поддржи нешто. Не, СДСМ и ДУИ со децении паразитираат на политичките одлуки, стратегии и грантови од САД (и повеќе други западни дипломатски претставништва во Скопје).
Крлежи е веројатно подобар збор. Самостојно, без масовна помош од надвор, тие никогаш не би дошле на власт со актуелните политики и кадровски решенија, туку поверојатно би биле во затвор за воени злосторства или за крупна корупција. За возврат за оваа поддршка, тие испорачаа се што ќе се побараше од нив – во случајот на СДСМ, тоа честопати беа индиректно испорачани барања од нашите соседи, кои оваа партија упорно ни ги сервира како компромиси кои ќе ни отворат просперитетна иднина.
ДУИ барем успеваше да постигне поени во интерес на албанската национална кауза, но кај СДСМ буквално нема ништо. Едниот успех – признавањето на името од страна на САД (во замена за висока територијална цена) се претвори во фарса откако Вашингтон ја почна шарената револуција да не натера да се откажеме од името кое, нели, ни го призна. Влезот во НАТО беше американски приоритет, а носењето на СДСМ и ДУИ на власт ја спречи можноста Македонија да го искористи ова и да издејствува колку-толку достоинствени услови во преговорите со Грција.
СДСМ и ДУИ долго време имаа монопол во американската поддршка, и чесотпати ја користеа за да ја напаѓаат автохтоната суверенистичка опција на македонскиот народ – ВМРО-ДПМНЕ. Но, дури и пред тектонските промени кои се случуваат во Вашингтон, можеше да се забележи поинакво размислување во однос на регионот. Ова го видовме по примерот на Србија, каде дел од американските власти одеднаш станаа многу отворени за соработка со претседателот Вучиќ.
Дали можеби амбасадорот Крис Хил, во чија биографија се запишани неколку крупни неуспеси (пред се Ирак и Северна Кореја) виде шанса кариерата да ја заврши со успех така што ќе ја убеди Србија да ја смени својата геополитичка ориентација, да ги прекине односите со Русија, па дури и да го признае Косово – работи кои може да ги испорача само силен водач чиј збор се слуша меѓу патриотското гласачко тело? Или пак сфатија дека опциите кои ги поддржуваат се крајно бескорисни?
Во Македонија, САД упорно се обидуваа да работат преку нивните миленичиња, и да го шиканираат ВМРО-ДПМНЕ. Изградија огромен пропаганден механизам, финансиран од корумпирани политичари-бизнисмени и заштитен од партиското судство и обвинителство. Но, оваа опција е многу ограничена.
Катастрофалниот неуспех да ги испорачаат ветувањата од Преспа за брз влез во ЕУ (за што секако дека САД се најмногу одговорни – тешко е да се поверува дека не можеа да го спречат бугарското вето) им ги загуби неопределените гласачи. Прифаќањето на бугарските барања во доменот на историјата од страна на СДСМ буквално им ја подели партијата – па дури и фамилиите на некои од големите поддржувачи на францускиот предлог. Покажаа крајна неспособност да спроведат (јасно коруптивни) инфраструктурни проекти на кои САД инсистираа. Сето ова остави огромно мнозинство од македонските граѓани, етничките Македонци, кои се згрозени од американската политика кон Македонија, наметнувањето непринципиелни барања, промовирањето на една истрошена корумпирана послушничка квази-елита и на албанските барања.
Македонија е една од најмалите НАТО членки, но сепак претпоставувам дека во Вашингтон не им е сеедно ако мнозинството граѓани во таква држава не е застапено во власта и смета дека постојано губи од стратешката ориентација која веќе ја чувствува како наметната. СДСМ и нивните пропагандисти се бореа колку што можеа, ја прогласуваа секоја легитимна критика на отстапките кои и се наметнуваа на Македонија за знак дека опозицијата е анти-западна или про-руска (за што добија нова рунда грантови откако се истрошија тие од обоената револуција), се закануваа со ставање на црна листа поради противење на Преспа, Охрид и францускиот предлог, се надеваа дека довчерашен лобист на Олбрајт групата на Косово ќе им ги реши изборите во 2024 година, па дури и алудираа на нова рунда апсења опозициски пратеници.
Оваа неодржлива ситуација се преврте главечкум со изборите во Македонија и во САД, и со брзото поврзување на претставници на двете нови влади. За почит е да се види дека и покрај децениите интензивни напади од страна на американските дипломати во регионот, во ВМРО-ДПМНЕ се јасно определени дека перспективата за Македонија е про-западна – секако, со ставање крај на непринципиелното мешање и барањата за отстапки. За разлика од про-американизмот на СДСМ и ДУИ, товен со грантови и со постојана поддршка, оваа струја во ВМРО-ДПМНЕ е принципиелна и е базирана на автентична определба на партијата како противник на тоталитарниот, анти-западен режим од кој произлезе СДСМ. Со ова партнерство во зародиш (ќе видиме како ќе се развива) се надминува проблемот создаден со партиската и идеолошката исклучивост на американските дипломати во регионот, кои упорно работеа само со една страна. САД добиваат пристап до сите граѓани на Македонија, а не само до грантираната левица и Албанците. На македонскиот народ конечно му се дава перспектива во која може да биде дел од западниот свет, но достоинствено и без постојано да се мисли која е заднината на чекорите на американската администрација. Градењето на опција која истовремено ќе биде и про-македонска и про-американска, кое премиерот Мицкоски јасно го најави на конференцијата CPAC, конечно станува реална можност.
Comments are closed for this post.