Кај народот постои една изрека, па вели дека зад секој добар коњ, прашина се крева. Па, така после бегството на поранешниот премиер, се уште се дига прашина во медиумите, а деновиве после притворањето на неговиот прв братучед, поранешниот шеф на тајната полиција, таа прашина уште повеќе се згусти. Па, можеби загадувањето во воздухот е токму од таа прашина. А, по повод загадувањето во воздухот, владиниот министер за животна средина изјави дека не се занимава со граѓаните, но ете после испадна дека човекот не се изразил доволно јасно. Не размислува многу на македонски. Сигурно ќе да е до прашината.
И додека медиумите го занимаваат народот со бегството на бившиот премиер и со притворот на неговиот братучед, а народот прави анализи и креира конспирации за тоа, и гледа сеир, владата оп си креира буџет за следната година. И така, секој си прави по нешто интересно.
И што се случи со поранешниот шеф на полицијата? Ам го ставија во притвор, онаму кадешто тој претходно испратил многу. Ех, што ти е судбина. И како што беше опишан во медиумите, се сруши митот за некогаш недопирливиот прв братучед на поранешниот премиер. Обично челниците на тајните полиции ја имаат улогата во државата да бидат како антивирусна програма, којашто ќе го пази и штити системот на државата од вируси. Но, знаеме дека секој антивирусен програм треба постојано да се освежува за да биде способен добро да го чува системот. Ама овој антивирусен програм, мислам на бившиот шеф на полицијата, ете му дојде крајот, веќе одамна не се освежил, па проба некако да се вклопи во системот, но залудно. Програмот веќе е надвор од употреба и не може да се вклопи во системот, па ете заврши во отпад.
Така, да се вратиме на прашината. Можеби коњите биле добри во времето кога биле јаки, и секако кога можеле силно да трчаат и да победуваат на трки. Но, ете сега после толку трчање, коњите се уморија, па ми се чини дека ја истрчаа последната трка, но не баш славно и победоносно. И така, после трката, прашината ќе исчезне. Тоа, сепак е медиумска прашина што се крева за да биде интересна за медиумската публика. Кај нас, познато е дека народот сака да гледа шоу, шпански сапуници и турски серии. За да биде интересно. И навистина беше филмски интересно во периодов. Но, и загадено.
И, што навистина правиме со вистинската прашина? Таа во воздухот. Ете власта не е баш многу заинтересирана за граѓаните. Повеќе е заинтересирана да прави шоу и краткорочни ефтини решенија. Зарем, кога ќе сфатиме дека треба долгорочно да гледаме и да се избориме за нашата подобра иднина. Да, секако дека треба да има и забава, но исто така треба повеќе да работиме на иднината. Ако видиме дека системот не работи, тогаш му треба освежување. Народот е тој што треба да го освежи системот. Ние сме мала држава, а конкуренцијата во светот е голема. Затоа, треба сите да се потрудиме да излеземе барем за малку од комфорот од фотелјите и да престанеме да гледаме шоу, туку здраво да поработиме на подобрување на системот и на нашата иднина.
Comments are closed for this post.