Веста за бегството на бившиот премиер направи вистински медиумски бум деновиве во регионот. Не го оправдувам неговиот чин на бегство од одговорност за кривично дело или за повеќе дела. Преку неговиот пример гледаме дека нешто не штима во државата, или од некаде туши во системот. Една персона му пркоси на цел систем. Па тоа не го гледаме за првпат. Сме го виделе и претходно кога бивши високи функционери „се снаоѓале“ бегајќи од кривична одговорност во чудесната ни држава. Така некои претходно „фатиле магла“ во соседна Бугарија, па Хрватска, а некако Албанија како да претставува најатрактивна дестинација за играње криенка или криш-миш.

Бегството на бившиот премиер е вистински предизвик за државните институции, а пред се за оние што се на челните позиции. А токму од нив граѓаните очекуваат најодговорно да си ја вршат работата, во коишто треба да имаат доверба и да бидат заштитени од тие институции. Но, кај нас ми се чини како целиот систем да претставува едно тркало од велосипед, коешто одамна се дупнало и наместо да се смени гумата, ние постојано само ја наставуваме со парче од постара гума и ги лепиме дупките. Тоа кај народот е познато како бајлак, или парче од постара гума што се лепи на дупнатото место на тркалото од велосипедот.

Ете на таков начин, ние место да го поправиме системот на државата и да ставиме нова гума, па наместо тоа, таму кадешто туши, кај нас ставаме бајлак, или евтини решенија, па понатаму ризикот на истото место да продолжи да туши во системот е голем. И така тераме. Ем „вожњата“ е некомфорна, ем системот отскокнува заради бајлакот, ем ризикот е голем пак да ни се „дупне гумата“.

Тоа што се случи со бегството на бившиот премиер треба само да не предупреди дека системот може да тушне и во иднина. Па така, доколку продолжиме да ставаме бајлак, онаму кадешто туши во иднина, тоа би се случувало со секој еден политичар дури и на пониска политичка функција. Зарем треба ли да продолжиме да ставаме бајлак онаму кадешто туши во системот, па за во иднина секој што ќе биде обвинет или осуден за кривично дело да може да му запркоси на ситемот и да и каже чао на одговорноста во оваа држава, па едноставно како Худини да го снема.

И видовме деновиве дека системот туши, па челните лица (премиерот, овој моменталниот, па министерот за внатрешни работи, па судот, и кој ли уште не) си ја префрлуваа топката за одговорноста меѓу себе за пропустите и бегството на бившиот премиер. Па имало гласини, па ова имало, па ова требаше, па она. Не луѓе, вие сте на челните позиции сега, моментално вие ја водите државата и ова не е реално тв шоу. Треба да престанеме да ставаме бајлак, треба нова гума, бидејќи сакаме удобна „вожња“.