Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по кривична пријава од СВР Куманово, поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик и предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.

Согласно зајакнатиот механизам за итна меѓуинституционална координација и постапување во предметите поврзани со семејно насилство, во конкретниот случај веќе се преземаат дејствија за обезбедување на доказите, особено имајќи предвид дека насилничкото однесување на осомничениот 54-годишник се повторува.

Против него веќе е поднесено едно обвинение за телесна повреда на неговата ќерка при вршење семејно насилство под дејство на алкохол, кое е во фаза на судење.

-Дејствијата на загрозување на сигурноста што сега ги презел вклучуваат не само вербални закани дека ќе ги запали ќерката и внуката, туку и конкретни дејствија со кои тој истурил две шишиња бензин во домот. По пријавата на настанот итно е изготвена проценка на ризик која укажува на сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство и на ризик од повторување на насилството. Овие проценки упатуваат на оправдан страв дека осомничениот би можел не само да ги повтори до сега сторените дела, туку дека би можел да стори и потешко дело, односно да го стори делото со кое се заканува, соопшти Обвинителството.

Поради ваквите околности јавниот обвинител оцени дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга поблага мерка и предложи најстрога мерка за обезбедување присуство.

FacebookTwitterCopy LinkShare